„Врба“ на Манчевски со фестивалски премиери во Романија и Кина

69

Филмовите на Манчевски продолжуваат да се прикажуваат на фестивали во Европа и Азија.

Вечерва „Врба“ на Манчевски ќе ја има романската премиера на најстариот и најголем романски интернационален фестивал – Трансилванија во Клуж-Напока. Ова е еден од првите фестивали во светот кој ќе се одржи во услови на пандемија – филмовите ќе се прикажат пред публика на отворени простори.

Кинеската премиера на филмот ќе се случи во август на фестивалот во Пекинг. „Врба“ ќе биде прикажан во престижната официјална програма за награди.

„Врба“ го започна своето патување со светска премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година. Оттогаш филмот беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, Синеквест во Калифорнија, Сараево, Софија, и други.

„Врба“ ја освои и наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.

Инаку, во престижната програма „Под ѕвездите“ на интернационалниот филмски фестивал во Нанси, Франција, во август ќе се прикаже и претпоследниот филм на Манчевски, „Бикини Мун“. „Биину Мун“ е американско, канадско-германска копродукција во која главната улога ја игра Кондола Рашад, а Манчевски го сними во 2017.