„Врба“ на Манчевски на 10. Филмски фестивал во Пекинг

49

По фестивалското затишје поради коронавирусот, „Врба“ на Милчо Манчевски го продолжува походот по светските фестивали. Филмот е селектиран во официјалната натпреварувачка програма на 10. Филмски фестивал во Пекинг, каде што ќе присуствува и режисерот. Фестивалот ќе се одржи кон крајот на август годинава, а заедно со Шангај, Бусан, Хонгконг и Токио е во петорката најголеми во Азија.
„Врба“ беше прикажан и на 39. Филмски фестивал во Истанбул, кој поради светската пандемија предизвикана од коронавирусот се одржа онлајн.

Турската критика го нарече „Врба“ „веројатно најдобар филм на фестивалот“. Ердоган Митани, критичарот на најстариот реномиран весник во Турција „Џумхуријет“, во освртот насловен „Фестивалски допинг во денови на рестрикција“ вели: „Без преувеличувања, еден контролиран сензибилитет со извонредна природност нѐ води од минатото кон денешницата; филм со три посебни приказни на три жени, кои иако се од различни времиња и во различни состојби, низ јадовите што ги преживуваат си ги дополнуваат судбините небаре станува збор за една личност.“

Сите досегашни филмски остварувања на Манчевски, низ годиниве, беа селектирани и прикажани на овој фестивал со долгогодишна традиција и еден од најголемите во Европа. Неговите филмови се изучуваат на универзитетите и во Турција и во Кина. Во 2017-та Манчевски беше и првиот македонски уметник со ретроспективно претставување во Азија, во Шангај имаше циклус филмови, изложба, книга и предавање.

Во главните улоги настапуваат Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Никола Ристески, Ненад Нацев, Петар Мирчевски и Ратка Радмановиќ. Филмот е македонско-унгарско-белгиско-албанска копродукција и беше поддржан од Агенцијата за филм како филм од посебен интерес.