Во тек е конкурсот за доделување на наградата за поезија „Антево перо“

89

Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, потсетува дека е во тек конкурсот за доделување на наградата „Антево перо“ за 2020 година. Наградата се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена збирка песни на македонски јазик, а е востановена во чест на современиот македонски поет, академик Анте Поповски.

Основната мисија на оваа награда е популаризација на поетскиот книжевен жанр, поттикнување на младите поети кои творат и се остваруваат на македонски јазик и афирмација и популаризација на нивните дела.

Овогодишниот конкурс досега привлече голем број творци кои го посакуваат признанието што го носи името на великанот на македонската поетска мисла Анте Поповски. Меѓу оние кои доставиле свои стихозборки има автори што одамна ја имаат потврдено својата книжевна вредност, авторитет и квалитет и кои многупати биле наградувани или се закитиле со некое еснафско признание, но и талентирани поетски пера, чиешто време допрва надоаѓа.

Организаторите се особено среќни што меѓу пристигнатите поетски ракописи има и неколку книги од млади автори, кои со оглед на годините освен за наградата „Антево перо“ имаат привилегија да бидат во конкуренција и за наградата „Антев часовник“, востановена лани за поети до 25 години, со цел дополнително да се стимулира творештвото на нашите најмлади таленти.

Творците кои во наредниот период имаат намера да учествуваат на к онкурсот за наградата „Антево перо“ своите ракописи можат да ги испратат на е-адресата: [email protected] заклучно со 25 август, а за детали околу конкурсните пропозиции и рокови можат да се информираат на фејсбук-страницата Антево перо.