Во Прилеп отворена изложбата „Споменици на револуцијата“ од Марко Кројач

831

Во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ денеска е отворена изложбата „Споменици на револуцијата“ од авторот Марко Кројач. Уметникот кој живее и работи во Берлин, на патувачката изложба се претставува со 50 фотографии преку кои ги архивира партизанските споменици од бивша Југославија и покажува како се менувале културните сеќавања и концептите на идентитетот на балканските простори од Првата светска војна до денес. Изложбата ги прикажува спомениците и приказните за нивното настанување, како и сегашниот однос на луѓето и воопшто културните политики кон постоечките споменици во едно време на постојано променлив идентитет.

-Фотографиите на Марко Кројач ни ги доловуваат овие промени преку слика, а коментарите на различни автори го контекстуализираат секој споменик. Со овој пристап изложбата има желба да го унапреди критичкото, но во истовреме контруктивното соочување со минатото – беше посочено на отворањето на изложбата, која отвора прашања кои јасно ја покажуваат сложеноста на процесот во градењето на мирот на Балканот и поделбите поврзани со минатото, години после војни и насилство.

Изложбата „Споменици на Револуцијата“ преиспитува, едуцира и оплеменува со својот опус, колорит и визуелен наратив. Марко Кројач исто така ја претстави и својата книга „Залудградител“ работена на сито печат, а на тема споменици на народната борба на просторите на бивша Југославија.

Ка.М.