Во Пекинг основано здружението на издавачи „16+1“

65

Со посебна церемонија, додека истовремено се одржува Меѓународниот саем на книгата во Пекинг, вчера во овој град беше основано здружението на издавачи „16+1“, како составен дел од рамката за соработка меѓу Кина и 16 земји од Централна и од Источна Европа.

На церемонијата присуствуваше Нове Цветановски, основач и управител на друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“, кое е претставник на Македонија во здружението на издавачи „16+1“, кое има цел да ја промовира издавачката соработка и културната размена меѓу Кина и Централна и Источна Европа. Како што информира Цветановски, основањето на ова здружение е под покровителство на кинеската влада, а освен 16-те издавачи од исто толку земји од Централна и од Источна Европа, во алијансата членуваат и осум кинески издавачи, кои се меѓу најголемите издавачи во Кина.

– Членовите на алијансата потпишаа заеднички документ – декларација, според која здружението ќе воспостави комуникациски механизам и ќе служи како платформа за соработката во издаваштвото и културните размени меѓу Кина и земјите од Централна и од Источна Европа. Тоа ќе ги охрабри издавачките организации од двете страни да учат едни од други и да работат заедно на проекти од заеднички интерес.

Здружението ќе работи на подобрувањето на комуникацијата меѓу членовите за споделување на ресурсите и комплементарните предности; на олеснувањето на размената и трговијата со авторски права; како и на проширувањето и интегрирањето на маркетиншките канали за да се локализира продажбата и промоцијата на книгите.
Инаку, „Македоника литера“ последниве две години има сè поинтензивна соработка со кинески издавачи, а како резултат на таа соработка веќе се објавени неколку дела од кинеската литература. Годинава тој број треба да изнесува дваесетина книги од кинеската литература, филозофија, научна мисла и културна традиција – посочува Цветановски.