Во мај премиера на „Магбет“

657

Во Македонскиот народен театар во тек се подготовките на претставата „Магбет“ од Вилијам Шекспир во режија на Нела Витошевиќ. Претставата се поставува според препевот на Богомил Ѓузел со адаптација на текстот од страна на режисерката Витошевиќ. Сценографијата за претставата се подготвува според замислата на Костантин Трпеноски, костимите ги креира Роза Трајческа-Ристовска, а композитор на музиката е Огнен Анастасовски.

– „Магбет“ е психолошка вивисекција на светот на двајца тирани, кои од преголема амбиција за власт на крајот се дават во крвта на нивните жртви. Затоа и претставата ќе личи на кошмар во кој тиранијата го достигнува својот врв. Светот на Магбет е свет во кој злото го цица секое здраворазумско поимање и почнува бескрупулозно да владее со мислите на поединецот. Растргнати од грижата на совеста, а во вителот на политичкото лудило, главните ликови го губат тлото под нозете и брзо тонат во крвта на оние што ги убиле – објаснува режисерката Нела Витошевиќ.

Ликот на Магбет го игра актерот Сашко Коцев, леди Магбет е актерката Драгана Костадиновска. Во претставата со голем број ликови на благородници, три вештерки, генерали и војници играат и Сенко Велинов, Дениз Абдула, Стефан Вујисиќ, Благој Веселинов, Борче Начев, Наталија Теодосиева, Ана Стојановска, Ивана Павлаковиќ, Славиша Кајевски, Исмет Шабановиќ, Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Ненад Анѓелковиќ, Виктор Бужаров.

Планирано е премиерата на „Магбет“ да се одржи во текот на мај.