Во Македонска Каменица отворена изложба на македонски народни носии

141

Во организација на Културно-информативниот центар Романса денеска во Македонска Каменица беше отворена изложба на народни носии од Македонија. Како што информираше Горан Огнановски, директорот на КИЦ „Романса“, целта на настанот е претставување на народната носија како главен етно елемент карактеристичен за Македонецот.

– Сакаме да направиме настан кој од ваков карактер не бил организиран во градот. Се работи за изложба во која посетителите ќе можат да видат носии од повеќе краеви од Македонија. Народните носии се многу битен сегмент во животот на многу народи,  особено за Македонците, и тие го означуваат начинот на живеење и ги претставувале традициите во зависност од кој предел доаѓаат. Затоа овде имаме носии од повеќе краеви кои ја претставуваат и традицијата од каде доаѓаат – рече Огнановски.

За етнокореологот Методи Глигоров, носиите од Пијанечко-малешевскиот крај заземаат посебно место во етнокореологијата, бидејки имаат посебна специфика карактеристична само за овие предели.
-Носиите од Пијанец се карактеристични по тоа што се со малку потемна нијанса, затоа што во планинските места се носеле такви носии, за разлика од нив, овчеполските носии се различни и изработени од полесен материјал. Во прилепско, пак, во зависност од кој крај потекнуваат луѓето, зависи и нијансата на носијата, рече Глигоров.

Изложбата на народните носии од Македонија е сместена во киносалата во Македонска Каменица, а ќе биде отворена за посетителите во текот на наредните две недели.