Во конкуренција за „Пегаз “ – 77 ракописи

217

Конкурсот за новата книжевна награда за најдобар необјавен роман на годината – „Пегаз“, распишан од издавачката куќа „Арс ламина“ и од фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, предизвика голем интерес кај домашните автори. До крајниот рок, 15 мај, на конкурсот пристигнале 77 ракописи, кои ќе ги оценува стручната жири-комисија, во состав: Димитар Башевски (писател, издавач), Иван Шопов (писател) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс ламина“).

– Позитивно сме изненадени од големиот интерес и бројот на испратени дела од домашните автори. Се надеваме дека меѓу нив ќе има квалитетни дела, кои ќе ја збогатат нашата книжевна сцена… Инаку, наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Ако и некој друг од ракописите биде позитивно оценет, може да понудиме објавување и на второ и треторангираните романи. Наградите ќе ги врачиме на посебна свеченост, а во план се и промоции на објавените романи низ повеќе градови во државата, со што ќе се овозможи и читателите од внатрешноста да се запознаат со квалитетната домашна литература – посочи Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс ламина“.

„Пегаз“ е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Имајќи предвид дека годинава се навршуваат јубилејни 20 години од литературната манифестација „Роман на годината“, и влијанието што оваа награда го изврши врз квалитативниот скок на македонската романсиерскa продукција, фондацијата „Славко Јаневски“ и издавачката куќа „Арс ламина“ го почнаа овој заеднички проект за воспоставување на наградата за најдобар необјавен роман, сметајќи дека на тој начин ќе се овозможи уште поголем квалитет на овој специфичен литературен жанр. Добитникот на наградата „Пегаз“ ќе биде објавен најдоцна во септември.