Во Кавадарци промовирана книгата „Радио“ на Љупчо Јолевски

79

Синоќа во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци преку добро
осмислен музичко сценски перформанс беше промовирана книгата „Радио“ на познатиот македонски новинар Љупчо Јолевски.

Книгата „Радио“ претставува субјективен избор на авторот од текстовите пишувани и
објавени за Радио Слободна Европа, програма на македонски јазик. Книгата има 730 страници и речиси исто толку фотографии и илустрации и е поделена на неколку целини: музика, литература, ликовна уметност, филм, театар, уметничка фотографија. Преку информациите, најавите, разговорите, интервјуата, рецензиите, освртите Јолевски се обидува да понуди негово видување на македонската култура во изминатава половина декада.

Љупчо Јолевски е новинар кој длабински сондира во културниот хумус на нашата земја. Будно следејќи се што се случува на уметничката сцена Јолевски со своето перо остава неизбришливи траги, документи, историја која не е само дел од информирањето на културната јавност, туку е суштинска база за истражувања и сознанија кои се клучни за проучување во блиската и подалечна иднина. Ова интересно конципирано четиво е поделено по сектори и дејности од културата, а графички е одлично разиграно, со цел да создаде поголема динамика и предизвика дополнителен интерес кај читателот. Изработено е во соработка со ликовната уметница Билјана Билбиловска, како продукт на неговата плодна соработка со различни уметници од сите домени и области – подвлече на промоцијата кураторот Ана Франговска.

-За мене беше речиси неверојатно да се помисли, во една книга, меѓу две корици, да
се претстави македонската уметност и култура во нејзиниот тотал, во нејзината интегрална форма. Па дури и да се работи во некаква релативно кратка временска отсечка, да речеме пет-шест години. Тоа беше „невозможен потфат“ за моите сфаќања во извесна смисла. Во извесна, затоа што во меѓувреме имав можност барем накусо „да ја допрам“ обемната книга со едноставен наслов „Радио“ и да заклучам дека понекогаш невозможното станува возможно – ќе напише Марко Коловски.

Книгата „Радио“ е импресивен текстуален и сликовите запис на речиси четириесетгодишната работа на Љупчо Јолевски, новинар, водител и уредник во низа
редакции, работа која започнала некаде во осумдесетите години на минатиот век. Тој не е е професионално студено дистанциран од она што работи. Напротив, не постои човек кај нас кој на еден или друг начин бил во допир со културата, а притоа да не го сретнал Љупчо. Тој е своевиден култен лик, сеприсутен посетител на културните настани, но пред се љубопитен дух, искрен вљубеник во културата и нејзин познавач. Сето ова го прави да е реткост на нашиве простори, една жива и духовна сила која продолжува да ги движи културните вредности преку нивно активно забележување и архивирање – меѓу другото ќе забележи писателката Елизабета Баковска.

Промоцијата на книгата „Радио“ на Љупчо Јолевски во Кавадарци беше своевидна
радио емисија во живо, зачинета со прекрасна слем поезија преку одличната интерпретација на актерот Игор Трпчевски, музика во изведба на Дуња Иванова – пијано и Јордан Костов – хармоника, кавадарчанец кој живее и работи во Кина. Публиката имаше можност премиерно да проследи изведба на ново дело на македонската копозиторка Ана Пандевска. Целата промоција визуелно беше разубавена со набљудувањето на создавање на уметничко дело во живо на уметницата Билјана Билбиловска.

М.М.