Во Ирак грабната германската кустоска и активистка Хела Мевис

55

Во главниот ирачки град Багдад на почетокот од минатата недела беше грабната кустоската Хела Мевис. Информацијата ја потврди ирачкото министерство за внатрешни работи, а неименуван извор ѝ открил на агенцијата АФП дека Мевис била грабната додека возела велосипед на патот до дома од канцеларијата. Сторителите, засега непозната група мажи, наводно со бело комбе ја одвезле германската државјанка во непознато.
Хела Мевис, која соработувала со институтот „Гете“ во Багдад, во Ирак живеела неколку години. Таа е раководителка и на програмите во ирачкиот уметнички колектив „Таркиб“м а работела и на промоција на младите ирачки уметници. Дхикра Сарсам, пријателка на грабнатата жена, на социјалните мрежи открила дека Мевис знаела дека животот ѝ е во опасност, па очекувала таков инцидент. Сарсам исто така се обидела да ја слушне штом ги чула вестите, но мобилниот телефон на Мевис ѝ бил исклучен, а тврди и дека полицајците посведочиле на грабежот, но не реагирале.

– Хела очекуваше дека ќе биде грабната, бидејќи сите ние очекуваме таква судбина – напишала Сарсам и објаснила дека Мевис особено била загрижена откако бил убиен ирачкиот интелектуалец Хишам ал-Хашеми, кој ги поддржал антивладините протести во таа земја.
Самата Мевис исто така била активна учесничка во протестите и стравувала за својот живот.
– Ирачкото општество делумно е конзервативно, се разбира, но некои само се плашат од промени. Тоа е она што ние се обидуваме да го направиме, да дејствуваме без страв и луѓето да го следат нашиот пример – рекла Мевис во ланското интервју за ПБС.
Откако почнаа протестите против ирачката влада минатата година, настрадаа стотици протестанти и активисти, а десетици се убиени или грабнати. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас информирал дека е оформен кризeн совет, кој ќе го истражува грабнувањето на Хела Мевис.