Во Дубровник отворен Музеј на црвената историја

47

Дубровник доби Музеј на црвената историја, кој деновиве беше отворен во просторот на тамошната фабрика за јагленографитни производи. Со повеќе од петстотини разновидни експонати од периодот на СФРЈ, музејот на мултимедијален и интерактивен начин ја прикажува историјата на социјализмот во Хрватска. Негов соосновач е Нино Главнич, кој за весникот „Јутарњи лист“ истакнал дека музејот не наметнува никаков суд, туку му дава можност на посетителот сам да дојде до заклучок од информациите, кои, како што тврди тој, се пренесени на најобјективен начин.

– Трендот на интерес за социјализмот е во пораст во светот. Демократскиот социјализам во САД јакне, а кај нас пристигнуваат сѐ повеќе американски туристи, па токму од тој дел на светот очекуваме голем интерес. Што се однесува до домашните туристи, очекувам едните да дојдат од носталгија, други од загриженост, а трети од љубопитност. Многумина се заинтересирани што крие музејот, па се надевам дека ќе нѐ посетат, а не да носат непроверени заклучоци – рекол Главинич.

Тој нагласил дека на текстовите и на истражувањата работат стручни лица, а воспоставена е соработка и со Музејот на татковинската војна во Дубровник, како и со други хрватски и словенечки музеи. Според него, овој музеј е отворен за соработка со секого, за да стане поверодостоен, а нагласил и дека тој не би постоел без совети и донации. На музејот досега му се подарувани и лични спомени, фотографии како субјективна страна на историјата. Главинич информира дека идејата за основање ваков музеј потекнува од пред две години, а почнала да се реализира по формирање тим од историчари, архитекти и дизајнери и со собирање експонати во дел од Хрватска. Музејот на црвената историја е единствен во Дубровник поради интерактивност на содржините, кои ги наведуваат посетителите и самите да откриваат многу информации.

– Го следиме трендот на светските музеи, како што е музејот на ДДР во Германија. Откривме дека луѓето ги сакаат музеите во кои се активни како посетители. Поради тоа со нашата апликација се добива содржина на проширена стварност како ново искуство – рекол Нино Главинич, кој очекува музејот да им понуди забава на посетителите, но и да ги поттикне на дополнително истражување.