Во „Даутпашиниот амам“ летово деца учеа што е уметност

59
Фото: Игор Бансколиев

Cѐ повеќе родители покажуваат заинтересираност за ликовна едукација на своите деца, не чекаат само училиштата да го прават тоа, вели Шќипе Мехмети под чие водство во топлиов август се одржа работилница за деца од 5 до 12 години

Ликовната уметница Шќипе Мехмети во жешките денови на август, во „Даутпашиниот амам“, еден од трите објекти на Националната галерија на Македонија, заедно со две свои колешки одржуваа ликовни работилници за деца. Седнати околу масата со боички, пластелин, хартија, разни материјали за создавање сопствени ликовни светови, децата со видливо задоволство минуваа 3-4 часа дневно во едукација, почнувајќи од 12 часот напладне, опкружени со делата од тековната изложба на уметникот Адем Кастрати. Мехмети, која од оваа година е вработена во конзерваторското одделение на Националната галерија, е позната авторка на ликовната сцена.

Таа дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје каде што и завршила постдипломски студии по графика кај проф. Трајче Блажевски, а кога ја сретнавме во една од галериските сали опкружена со деца, сликата ни асоцираше на таквите моменти, кои многу ретко ги среќаваме во земјава, но редовно во странство. Деца, кои практично учат што е уметност, опкружени со дела во музеи и галерии, што и Мехмети го смета за многу важен процес за нивната едукација. И покрај високите температури работилницата една недела ја посетуваа од 7 до 10 деца.

– Во Националната галерија постои едукативен оддел и претежно се работи со деца од училиштата, се прават работилници, но нема факултативен пристап, кој сака да го донесе своето дете, а на овој тип работилници присуствуваат и деца од помала возраст. По иницијатива од директорката Дита Старова Керими се трудиме да правиме вакви работилници и за викендите бидејќи родителите тогаш се послободни за да ги донесат децата – рече младата уметница.

Таа со ваквиот тип работилници во галеријата почнала лани со изложбата на Петар Мазев, која привлече огромно внимание во јавноста.

– Два месеца во неделите додека траеше изложбата на Мазев тука држев работилници за деца за кои имаше голема заинтересираност, а додека траеше изложбата на Ибраим Кодра и во галеријата „Чифте-амам“. Сакаме да продолжиме од септември со работилниците кога ќе почне учебната година и се надеваме дека на нив ќе имаме уште повеќе деца, бидејќи сепак летото е време на одмори. Информацијата за оваа работилница одеше на Фејсбук и на веб-страницата на галеријата, но и ние преку пријатели ги информиравме луѓето за неа. Многу сме задоволни од добрата енергија што се создаде, на децата им беше важно да се тука. И посетителите на галеријата често со насмевки ни приоѓаа и ги гледаа нивните творби. Според мене, треба да постои континуитет во ваквите програми, а истите деца да доаѓаат почесто на работилниците бидејќи ние работиме и тематски портрет и мртва природа, па нешто модерно, па со различни техники, скулптура, мозаик, колаж. Убаво е да доаѓаат и да учат подолг период, да создадат навика и да се дружат и наедно да работат – рече Мехмети.

Како и што претпоставувавме и самиот објект, стариот амам полн со уметнички дела, им го привлекува вниманието на децата.

– Кога ќе дојдат тука најнапред историчар на уметност ги води низ галеријата, кратко им објаснува за изложените дела, а тие љубопитно гледаат наоколу, сакаат и да трчаат во големиов простор. Тие немаат секој ден можност да работат во ваков простор, а учеството на работилниците е бесплатно и може многу да се научи. Во игротека на пример, секоја минута за игра се наплаќа, а едукацијата тука, според мене, е многу позначајна. Децата треба да одат во игротека, но потребно е да се следат и да се развиваат и едукативните програми за нив. Можно е учеството на работилниците подоцна да се наплатува, но сумата нема да биде висока – укажа таа.

Запрашана дали додека се на работилницата децата бараат мобилни телефони, можеби таблети за да играат игри, Мехмети одлучно одговори дека тие не бараат такви работи.

– Не, не бараат ништо такво, што ме радува, а дури некои од нив сакаа да работат и надвор од предвиденото. Направија и по 3-4 цртежи, некои доаѓаа и двапати – рече таа.

Возраста на децата на работилниците се движи од 5 до 12 години, а Мехмети има и такво искуство и од пред неколку години со водење на работилници во маркетот „Рамстор“ и во трговскиот комплекс „Сити мол“ во Скопје по барање од овие трговски фирми, кои ги обезбедувале и потребните материјали за работа. – Искуството со тие работилници ми беше различно, но исто така многу убаво. Многу деца поминаа низ нив, но за разлика од галеријата каде што доаѓаат деца со родители, кои го носеа и ги оставаа, а ако сакаа можеа и да ја видат тековната изложба, во „Рамстор“ и во „Сити мол“, некои од родителите си допуштаа и да ни се мешаат во работата. Обично мајките или бабите доаѓаа и си седнуваа на малите столчиња наменети за децата, а некои од нив и грабаа од материјалите за работа иако децата го добиваа предвиденото. Бев изненадена од тој однос на тие работилници, кои обично се организираа околу Нова година, Велигден, 8 Март. И во „Рамстор“ и во „Сити мол“ имаше деца што доаѓаа континуирано и кои доста научија, а родителите потоа беа многу задоволни. Мислам дека сѐ повеќе родители покажуваат заинтересираност за ликовна едукација на нивните деца што е добро, не чекаат само училиштата да го прават тоа – рече Мехмети.

Летово Шќипе Мехмети беше во Андора на ликовен симпозиум организиран од УНЕСКО, каде што посочи дека насликала седум слики за 10 дена. – Имаше уметници од целиот свет, јас бев единствена од Македонија и од земјите на Балканот. Секој од учесниците ја презентираше својата држава, јас однесов и музика од овде, но и ајвар. А летово учествував и на колонијата „Културен мост“, со македонски и со грчки уметници во Струга, чиј втор дел ќе се одржи во октомври во Грција. И оттаму носам многу убави впечатоци од комуникацијата со грчките колеги – рече Мехмети.