Во Битола почнува поетскиот фестивал „Поетски синтези“

248

Меѓународниот поетски фестивал „Поетски синтези-2018“ по десетти пат ќе се одржи на 7 јули во 19 часот, во Центарот за култура во Битола, во организација на Здружението за наука и култура „НОВА“ .

Фестивалот ќе отпочне со сценска изведба на поемата „Бегалци од својот дом“ од поетесата Мирјана Стојановска во изведба на актерска група од „Интимен театар“ Битола. Потоа ќе биде претставен црногорскиот поет Борис Јовановиќ-Кател со поетската книга „Чекаат ли бродовите“. Оваа е прва книга медитеранска поезија препеана на македонски јазик во издание на Здружението „Нова“ со финансиска поддршка на Министерството за култура.

Исто така, на фестивалската вечер ќе се чуе поезија на поети од Здружението на автори на дијаспората со седиште во Франкфурт, Германија. Здружението „Нова“ ќе потпише повелба за соработка со ова Здружение од Франкфурт и со Медитеранската поетска асоцијација од Подгорица.

Во вториот дел на фестивалската вечер ќе бидат доделени награди кои Здружението „Нова“ ги доделува на автори од земјата и од дијаспората со цел афирмација и негување на македонскиот јазик, литература и култура и градење на мостови за културна соработка во меѓународни рамки.

Инаку во изминатите 10 години на фестивалот „Поетски синтези“ продефилирале преку 200 поети од земјата и странство, а беа одржани и повеќе научни симпозиуми меѓу кои: Дејноста на браќата Миладиновци во Битола и битолско, Метафората и синестезијата во современата поезија, Поезијата на Матеја Матевски, Поетиката во македонската женска поезија, а беа промовирани и зборниците „Поетски пораки за мир“ и „Битолска поетска разгледница“.