Во Белград одржан првиот прајд-театарски фестивал

34

Првиот белградски прајд-театарски фестивал, кој минатата недела се одржа во главниот град на Србија, пред годинешната „Парада на гордоста“, претстави три провокативни продукции – од Приштина, Манчестер и од Њујорк, за да ја
унапреди видливоста за проблемите на ЛГБТ-заедницата и да отвори простор за нивно решавање.

Фестивалот, кој се одржа под мотото „Не се откажувам од театар“, според „СИИ култ“, започна со претставата „55 шедоус оф геј“ од Приштина, претстава што се занимава со прашањата за сексуалните слободи на Балканот и политичката коректност. Таа е во продукција на „Чендра мултимедија“ и претставува современа бурлеска на драмскиот автор Јетон Незирај, во режија на Блерта Незирај.

Во Народното позориште се одигра претставата „Џипси квин“ од Манчестер, со фокус на хомосексуалноста и спортот, а за на истата сцена, „Раша Плаовиќ“, беше најавена и изведба на њујоршката претстава „Д бејби монитор“, за прашањето на сурогат- родителството и односот на Трамповата Америка кон проблемите на истополовите двојки. На фестивалската програма беше и сценското читање на неодамна објавеното дело на Фалк Рихтер „Смол таун бој“, кое се занимава со прашањата на (хомо) сексуалната љубов и анксиозноста на современото време. Организатор на првиот Белградски прајд театарски фестивал е регионалната фондација „Хартефакт“.