„Волшебен сон“ втора збирка песни на Зоран Костески

291

Откако пред неполна година ја издаде првата збирка поезија „Мојата Белица“, наставникот по македонски јазик од Кичево, Зоран Костески, ја издаде втората збирка песни „Волшебен сон“, инспирирана од едно припитомено срнче во неговото родно село и мечето што пред две години го затекнал во својот пчеларник.

– Мојата втора поетска збирка „Волшебен сон“ издадена денес во електронска форма е наменета за децата од пониските одделенија. Истата е составена од 23 строфични песни а објавена е во електронската библиотека „Фондација Македоника“. Во песните доминираат лирски чувства со љубов кон природата за нејзина грижа. Живееме во време во кое се соочуваме со огромен број на пожари кои систематски ги уништуваат природните богатства. Мотивиран токму од уништувањето на природата создадов стихови посветени на децата и кај нив уште од најмала возраст да се развие еколошката свест со силна порака за зачувување на животната средина – истакна Костески.

Toj посочи дека создавањето на оваа збирка песни ja започнал пред неполна година, a повеќето од нив ги напишал последните два-три месеци. Инаку тој со оваа книга учествува и на конкурсот Едука Мак Скопје и планира оваа збирка наскоро да излезе во печатена форма, но со повеќе песни. Костески првите песнички ги напишал уште пред две децении и е добитник на повеќе награди на конкурси за поетски творби, пред се за деца.