Возбудлив почеток на 43. МОТ со „Блокбастер“

85
Фото: Дарко Андоновски

Белгиската претстава „Блокбастер“ на „Колектив Мензуел“, со која завчеравечер на големата сцена во Македонскиот народен театар беше отворено 43-то издание на фестивалот „Млад отворен театар“, е една од оние што се паметат од почетокот до крајот. Спонтано и многу ефектно, членовите на колективот уште од почетокот ја анимираа публиката, внесувајќи го целото нејзино внимание во сето она што тие го правеа на отворената сцена: снимаа звуци и шумови, кои и ги користеа во необичната филмска пародија, која ја чинат 1.400 кадри од 160 холивудски филма.

На почетокот снимија аплауз од публиката, а таа се согласи и во еден глас да го изговара и познатиот слоган „Нема правда, нема мир“, кој исто така беше снимен и се слушаше подоцна заедно и со музиката што цело време се свиреше од пред филмското платно. Сандрин Бержо, Квентин Хелоу, Баптист Исаја, Филип Лекрение и Рено Рига мошне динамично и прецизно, користејќи не само класични инструменти туку и различни предмети од сценографијата, ја доловуваа и дополнуваа атмосферата од филмот, говорејќи ги во живо на француски јазик и дијалозите на филмските актери, кои, пак, беа титлувани од англиски на македонски.

„Блокбастер“ со право е наречен и „театарско НЛО“, бидејќи од гигантската монтажа и се родил како блокбастер со оригинално сценарио, кое се темели на вистинска приказна за тоа како големите компании си ги штитат големите пари и избегнуваат даноци преку офшор-компании. Новинарката што пишувала за тоа (во филмот ја игра Џулија Робертс) е избркана од работа, а колумната ѝ е цензурирана. Граѓани протестираат, се создава бунт против насилството на побогатите и помоќните што управуваат со светот, а меѓу главните ликови се и Брет Пит, Силвестер Сталоне и Мајкл Даглас.

Паралелно со дејството на платното, членовите на „Колектив Мензуел“ создадоа и „вжештена“ атмосфера на сценаТА, на крајот од претставата имаше и оган, но и паѓање на рефлектори. Членовите на Колективот добија огромен аплауз од публиката, а МОТ успешен почеток за уште едно свое издание.