Владимир Георгиевски сѐ уште ги импресионира своите ученици

126

Сликите не се само декор, туку суштина, потсети меѓу другото на зборовите на починатиот сликар и професор, неговиот ученик, уметникот Никола Пијанманов

Изложбата „Учителот и неговите ученици“, која пријатно изненади многумина што го познаваа и лично сликарот и професор Владимир Георгиевски (1943 – 2017), но и оние што ги знаеја само неговите дела, одржана неодамна во Младинскиот културен центар во Скопје, претставуваше успешен начин да се истражи влијанието што овој учител го втиснал во творештвото на своите ученици, како и особеностите што учениците ги развиле независно, во текот на нивниот творечки век.

– Јас се трудам, вложувајќи ги сите мои знаења и чувства, да бидам учител. Тоа е најтешка задача на личноста, но и најблагородна. Затоа, таа нема цена. Младоста е сосема сигурно најрадосниот период од човековото живеење. Според тоа, јас од нив учам да бидам радосен по секоја наша средба, предавање, вежба или испит што го полагам заедно со нив. Да, постојано полагам испит пред моите студенти – ова беа зборовите на Владимир Георгиевски, истакнати на оваа јунска изложба со која се одбележа и 77-годишнината од неговото раѓање.

Тоа беше можност и да се видат неговите дела: „Моето ателје“, „Павилјон бр.6“, „Париско ателје“, „Еце Хомо“, „Момчето со икона“, „Верга, мајката на Чинго“, „Автопортрет“ од 2013 година, во ист галериски простор со триесетина слики, цртежи и релјефи на дел од неговите ученици: Никола Пијанманов, Наташа Милованчев, Наташа Божарова, Марија Панчевска Маринчиќ, Ана Андроска и Марина Убавкова. Тие во одреден период престојувале во ателјето на Георгиевски, а сега се активни творци во областа на визуелните уметности.

– Од професорот научив и понесов со мене еден закон, дека сликите не се само декор за домовите и празните малограѓански ѕидови, туку суштина. Тие самите по себе се: дом, архитектура, олтари и пештери полни со раскошни визии и вера на човекот, израз што трае од почетокот на светот. Денес сѐ се сведува на креативните индустрии, дизајнирање на комфорниот дом, одмор за нашата визуелна перцепција. Да, можеме и да кажеме дека сликата е илузорна, дека таа вистински и не постои откако ќе се реализира во производ, ќе биде врамена и закачена како и секој друг предмет. Како еден часовник на ѕидот. Но творечкиот пат до неа, творечкиот чин не е илузија! Тоа е самата вистина што нѐ прави достојни на бог и неговата креација – вели сликарот Никола Пијанманов, кој како и повеќето уметници-ученици, присуствуваше и на последниот ден од изложбата кога пијанистот Дино Имери изведе композиции инспирирани од изложените дела на Георгиевски.

Пијанманов посочи дека иницијативата за „Учителот и неговите ученици“ е на Фросина Георгиевска, ќерката на Владимир Георгиевски, и дека изложбата е реализирана преку здружението за култура „Транзен“.

– Ја подготвувавме изложбата неколку месеци со истражување на делата на професорот и компарации со делата на неговите ученици. Главната идеја беше да се претстават неизложувани дела на професорот од повеќе етапи на неговиот творечки живот, споредувајќи ги со делата на неколку генерации ликовни уметници и архитекти што престојувале во неговото ателје како ученици. Кураторскиот концепт беше претставување на една аналогија и синтеза преку пресликување на неговите филозофски концепти и идеи врз делата на другите уметници. Секој од учесниците на некој начин носи во својот естетски образ дел од неговата уметност. Ателјето на учителот Владимир Георгиевски беше отсечка од светот. Тоа не беше обична сликарска работилница што мириса на терпентин и маслени бои, туку естетска лабораторија. Тоа катче во строгата форма на зградата од Архитектонскиот факултет во Скопје беше издвоено со некоја необјаснива аура. Како средновековна работилница на некој неимар, градител на катедрали. Тоа ателје беше срцето на факултетот. Му требаше самотија, ателјето беше во центарот на градот со илјадници луѓе, а тој беше издвоен како да е на некој далечен манастир. Но ателјето беше секогаш отворено за ученици, колеги што сакаа да расправаат, да учат, да се борат за уметноста и творечките принципи! Во неговото импозантно творештво има толку многу материјал, што навистина би требало цел човечки живот да се посвети во проучување на секое дело со посебно внимание. Допрва ќе се отвора ризницата на раскошното монументално творештво со делата на овој уметник, кој се изрази во еден драматично оригинален начин низ сите можни дисциплини на ликовната уметност – вели Никола Пијанманов.

Сликарката и архитектка Наташа Милованчев, која работи како редовна професорка на споменатиот Архитектонски факултет, го напиша текстот од каталогот од изложбата.

– Седнат на своето троножно столче во ателјето, во својот син работен мантил, со слоеви боја на рацете, со звуците на Моцартовиот Реквием, кои допираа од старото радио, секој ден и во секој миг црташе и сликаше со чувство дека е последен, неповторлив и недофатлив. Безброј цртежи, слики, картони и записи во неговите блокчиња, исцртани, како што умееше да каже, со умот и срцето, кои восхитуваат со магијата и убавината во нив – онаа, која во себе ја носи онтолошката и вонвременска нејзина димензија! Предавањата на учителот, професор Владимир Георгиевски, за кои уште од времето кога и самата бев студент, се бараше столче повеќе, беа од исклучително значење. Неговите широки познавања, чудесен интелект и духовен багаж, долгите и темелни разговори и анализи што со вонредна леснотија ги водеше, ги осветлуваа сѐ уште неразјаснетите загатки и патишта за студентите, наведувајќи ги на постојано длабење по сопственото духовно битие. Низ деноноќна работа да се дојде до сопствената жива слика, тоа беше негово творечко кредо! Умееше да поттикне, да испровоцира, едноставно да „зарази“ со уметност – посочува Милованчев.

Архитектката и сликарка Марина Убавкова, пак, укажа дека изложбата за неа е настан на кој таа истовремено била и среќна и тажна.

– Среќна бев што го одбележивме влијанието на нашиот професор, тажна што тој не беше помеѓу нас на овој настан. Во прашање се долги години работа со професорот, кој секогаш беше тука за нас студентите. Овој настан е доказ за тоа колку е важно вистински да се насочи еден млад човек, а сепак да се остане свој и на својот пат, да се верува во себе, постигнувајќи вистински вредности. Токму професорот беше тој што вистински и искрено мене ме поддржа да го запишам и да го завршам вториот факултет, да напредувам, да работам на себе и да се надградувам постојано – вели Убавкова.