Виола Грациози од Италија – Актерка на Европа 2020

166

Со синоќешното доделување на наградите, заврши 18-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа 2020“.

После шест дена фестивалски настани, организирани според протоколот за одржување на манифестации во услови на ковид-19, „Актерот на Европа“, го одржува континуитетот и прераснува во автентична референца за промоција на македонската култура во светски и европски рамки и вистинска прослава на театарската уметност во митската Преспа.

Главната наградата „Актер на Европа 2020“ за најдобро актерско остварување ја доби Виола Грациози, една од најзначајните актерки во европскиот театарски простор,за улогата во „Суита Офелија“, режија Гаетано Пјаца, во продукција на Театро Саназаро од Рим, Италија. Жирито во состав, Мето Јовановски (претседател), Лилјана Котевска-Плевнеш, Лаерти Васили, одлучи наградата за најдобра претстава во целина Гран при „Жак Лакариер“ да ја додели на претставата „Пасија според Маргарита“, работена по текст на Жан-Мари Пием, во продукција на „Ла Фабрик – Театар Ефемерид“ од Франција, во режија на Патрик Вершуерен, кој воедно ја доби наградата и за најдобра режија.

Монодрамата „Ченто“ од Доне Донев ја доби наградта од публика, Страшо Милошевски ја доби наградата „Наум Манивилов Преспански“ за оригинална театарска изведба „Македонски Псалми“, додека младиот актер Бобан Алексоски ја понесе наградата „Преспански Диониз“ за наговата интерпретација на „Дневникот на лудиот“ од Николај Гогољ, во режија на Ѓорѓи Ристевски, а Лука Чедрола ја доби наградата за најдобар текст, за „Суита Офелија“ од Италија.

Наградата „Млада Европа“ за најдобри млади актери, им беше доделена на Ане Блажевски и Анастасија Ласовска, за претставата „Тетатет“ по текстови на Шекспир, ппод менторство на Проф. Дејан Пројковски.