Вечер посветена на поезијата на Тихомир Јанчовски во Кавадарци

68

Вечерва со почеток во 19 часот во Библиотеката „Феткин“ во Кавадарци се рганизира поетско претставување на поетот Тихомир Јанчовски. Последната средба на Јанчовски со кавадаречките љубители на поезијата беше во 2016 година со промоцијата на поетската книга „Конец и игла“.

По повод 20-годишнината од објавувањето на неговата прва книга Јанчовски прави втор избор поезија во која се поместени избор песни од веќе публикувани негови книги и нови песни под наслов „Тихување“. На вечерашниот настап ќе се направи поетски осврт на неговите три дела „Влакно на јазикот“, „Два света“ и „Тихување“. Модератор на поетската вечер е поетесата Цветанка Колева а стихови ќе читаат Добрила Грашевска, Данаил Данаилов и Дарко Јан Спасов.

Тихомир Јанчовски досега ги има објавено книгите поезија : „Обични зборови“(1999), „Два“(2002“, ,„Послдно време“(2005), „Осама“ (2010), „О, ти“ (2011), „Староста може, а и не мора да се дочека“ (2013), „Од збор до збор“ и „Игла и конец“(2016) „Године“ (2017“, „Тhe Noise of Loneliness“ (2018) и „Влакно на јазикот“ која е негова единаесетта поетска книга. Има објавено и еден роман под наслов „Лидија или се што знам за жените“ и книгата колумни „Како ми скроија капа“ . Наскоро треба да излезе од печат неговиот втор роман „Сѐ што знам за животот“.

Преведуван е на многу јазици и тоа на англиски, француски, словачки, српски, хрватски, албански, босански, грчки, германски, грузиски, персиски и италијански. Минатата година ја приреди и преведе од англиски јазик поезијата на персискиот филозоф и поет Руми под наслов „Два света“ која вечерва заедн со неговите две поетски книги ќе биде претставена пред кавадарчани. Тихомир Јанчовски ја направи и антологијата „Условна слобода“ од современата поезија на Босна и Херцеговина.

Ми.М.