Вечер на српски уметници на „Охридско лето“

114
Стеван Каранац

Концертот во „Григор Прличев“ е посветен на починатиот охридски градоначалник Јован Стојаноски

Во центарот за култура „Григор Прличев“, во Охрид, вечерва, со почеток во 19 часот, концерт ќе одржат српските солисти Александра Петровиќ и Стеван Каранац во рамките на фестивалот „Охридско лето“ заедно со Српскиот камерен оркестар.

На репертоарот се дела од композиторите Џоакино Росини, Фредерик Шопен, Рудолф Сичински, Фриц Крајслер, Едвард Елгар, Франц Лехар, Петар Илич Чајковски, Пјетро Маскањи, Клод Дебиси, Јохан Штраус и Емерих Калман, а „Охридско лето“ концертот му го посветува на починатиот градоначалник на општината Охрид, Јован Стојаноски.
Уметницата Александра Петровиќ основно и средно музичко образование завршила во Ниш, во класата на професорката Гордана Милошевиќ, на Катедрата за соло-пеење, а сега е на специјалистички студии на Факултетот за музички уметности во Белград, во класата на проф. Никола Мијаиловиќ. Од лани е хонорарен соработник на Операта и Народниот театар во Белград.

Досега настапувала во Ниш, на концертите за виенските валцери и оперските арии со Видинската филхармонија, со младинската филхармонија „Наисус“, како и со дувачкиот квинтет „Нишки солисти“.

Тенорот Стеван Каранац музичкото образование го почнал во 2009 година во музичкото училиште „Д-р Милоје Милојевиќ“ во Крагуевац. Стилот и техниката на пеење и глумата ги усовршил на многу работилници и мајсторски курсеви со пејачи, режисери и актери.

Го завршил и курсот за оперски студии „Борислав Поповиќ“ во Народниот театар во Белград, а како активен учесник на интернационални натпревари во Србија, регионот и во странство е повеќепати наградуван, меѓу другото и со наградата „Лауреат“. Веќе пет години одржува голем број концерти во Србија и во странство.