Вечерва јубилеен концерт на Пламенка Трајковска во Сули ан

263

Познатата македонска виолинистка, членка на државната Филхармонија и на музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“, вечерва, со почеток во 20.30 часот ќе одржи концерт во Сули ан во Старата скопска чаршија. Поводот е 25-годишнината од основањето на нејзиниот прв гудачки квартет.

Концертот е насловен „ Лејдис енд џентлмен“ (Ladies and Gentlemen), Трајковска ќе се претстави со дел од својот богат музички репертоар, а ќе настапат и нејзините долгогодишни соработници – колегите од гудачкиот квинтет и од „Трио џентлмен“.

На репертоарот се композиции од опусот со наслов „Светулки“ за соло виолина во поп романтичен стил, теми од албумот „Апасионато“ од Пламенка Трајковска, како и македонски кросовер од најавениот албум „Корени“.

Настојувајќи да ја доближи класичната музика на широк аудиториум, Трајковска гради и негува препознатлив музички израз, постојано проширувајќи ја жанровската и естетската рамка на своите оригинални, мултимедијални музички програми.

Нејзниниот носач на звук „Апасионато“ е единствениот македонски музички албум со кросовер на класичната и модерна музика, а креатор е и на неофицијалниот музички албум „Црвената виолина“ со интерпретации на латино теми. За најмладите, идните вљубеници во класичната музика, Пламенка Трајковска минатата година издаде музичкиот албум „Карневал на животните“ од Камиј Сен Санс, адаптиран за виолина и пијано.