Вечерва македонска премиера на „Бикини Мун“

122

Премиера на филмот „Бикини Мун“ во режија на Милчо Манчевски ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во киното „Милениум“, а пред проекцијата на филмот ќе биде прикажан и неговиот краток филм „Крајот на времето“. Филмот понатаму е на редовен репертоар на киното со проекции од 20 и 22 часот.

Режисерот Манчевски вели дека „Бикини мун“ е современа трагедија.
– Замисли да си жена што била војник во Ирак, а сега живее на улица во Њујорк. Ѝ ја одзеле ќерката затоа што има ментална болест и се бори да си ја врати назад. Бикини Мун Дејвис, главниот лик, има сложен однос со стварноста. Таа е харизматична, привлечна, духовита, ама и жена со ментални проблеми. Покрај тоа, „Бикини Мун“ е и лажен документарец, а со тоа филм за нашиот однос кон вистината, за тоа како медиумите го менуваат она што го снимаат и влијаат врз стварноста за која известуваат. Приказнава е нешто што секој треба да го склопи на свој начин. Мојата цел е емотивната, а не фактографската вистина – вели Манчевски.
Во Скопје пристигна и британскиот дизајнер на продукција Дејвид Манс, кој досега има работено на сите филмови на Манчевски, вклучувајќи го и „Бикини Мун“, кој по тој повод изјави дека со Милчо соработуваат повеќе од 25 години, уште од снимањето на „Пред дождот“.

– Описот на мојата работа е таков што морам да истражувам многу локации. Земајќи предвид дека најголемиот број филмови на Милчо се снимани низ Македонија, можам слободно да кажам дека одлично ја познавам вашата земја, која има преубави предели. Манчевски со секој негов следен филм истражува и пробува нешто ново. Па, така, и „Бикини Мун“ е авторски филм преку кој авторот открива нови филмски можности и ја води публиката низ неочекувано патување. Филм што е позициониран на деликатната граница меѓу играното и документарното – вели Манс.
По македонската премиера, филмот продолжува на други меѓународни фестивали во Сарасота, Истанбул, Њујорк, Франкфурт и Нешвил во мај.