Вечерва во Охрид промоција на книга и изложба – „Поврзи се…“

31

Во кафе-галеријата „Шила“ во Охрид вечерва со почеток во 19 часот ќе биде промовирана збирката хаиги и поставена изложба на хаиги „Поврзи се…“ од Дијана Петкова и Камелија Шојлевска.

Проектот „Поврзи се…“ содржи 50 хаику песни од Дијана Петкова и 50 фотографии од Камелија Шојлевска инспирирани од природните убавини на Македонија, споени во хаиги.

Хаику е кратка јапонска поетска форма. Тоа е песна составена од три стиха со вкупно 17 слога. Во хаику стиховите авторот го впишува своето моментално расположение и доживување предизвикано од набљудувањето на природата или природните појави. Хаику е поезија на секојдневието.

Хаига е стил на јапонско сликање во кое е содржана хаику песна. Хаигата се заснова на едноставни, но и длабоки набљудувања на секојдневието. Современата хаига е поврзување на хаику песна со фотографија (цртеж, графика, колаж, акварел), коишто за читателот и гледачот претставува вербално и визуелно доживување на моментот.

-„Поврзи се…“ е подарок за сите нас, подарок што ни овозможува да се поврземе со нашето суптилно јас и нè тера повторно да копнееме. „Поврзи се…“ е враќање дома-вели рецензентката Катерина Ангеловска.

Изложбата ќе биде отворена до 30 јули.