Весник што ја знае важноста на колумните за неговиот имиџ и порака

95
Според Александар Димковски, двете книги се производ на вистината и професионалноста

Две нови книги, „Погледи кон светилникот“ од авторите Венко Андоновски, Билјана Ванковска, Александар Русјаков, Сашо Клековски, Ефтим Клетников и Ставре Џиков и „Македонија во рингот“ на главниот и одговорен уредник на весникот, Александар Димковски, во издание на НИК „Нова принт“, беа промовирани вчера во кафулето „Капри“, со што редакцијата на весникот „Нова Македонија” свечено ја одбележа 10-годишнината од обновувањето на весникот.

„Погледи кон светилникот“ е збирка на најдобрите колумни на шестемина редовни колумнисти во весникот. Во книгата, покрај колумните, има и писма до редакцијата од митрополитот повардарски Агатангел (Станковски), Милојка Калкашлиева, Драги Стефанија и Марија Зарезанкова-Потевска. На повеќе од двесте страници се распослани авторските видувања на актуелните состојби во Македонија, но и она што го окупира вниманието на граѓаните.

„Македонија во рингот“, пак, е дело што содржи 120 колумни објавувани секоја сабота, почнувајќи од 2014 година (кога Димковски беше назначен за прв човек на редакцијата), па до август годинава. Во нив тој го пласира својот, но и ставот на куќата, раскрилувајќи ги своите размислувања пред читателите и пред пошироката јавност.

Долгогодишниот новинар на весникот, а своевремено и нејзин прв човек Панде Колемишевски, истакна дека овој весник, кој од него е постар само четири години, сѐ уште се држи стамено наспроти сите политички и финансиски неповолности.

– Ова е единствениот весник што го положи испитот на сите времиња и во сите премрежиња што ги доживуваше нашата држава. Од сите весници, само тој трае 74 години – потсети Колемишевски, нагласувајќи дека весникот сѐ уште има една круцијална одредница, АСНОМ и неговите одлуки, меѓу кои и одлуката за излегување на првиот дневен весник на македонски јазик.

Александар Прокопиев, како долгогодишен соработник на редакцијата, промовирајќи ги двете книги колумни укажа дека „Нова Македонија“ како секој сериозен, доследен, во концепцијата и во ставовите определен и независен весник, знае колку се важни колумните за неговиот имиџ и за неговата порака.

– „Нова Македонија“ веројатно и сигурно е единствениот весник што се одржува во сите овие невремиња, во сите овие измамнички и недостојни работи што се случуваат во големиот број сфери на нашиот живот. Книгата „Македонија во рингот“, пак, сведочи за една верност, просветеност, стаменост во работата на новинарот, каква што Александар Димковски несомнено поседува. Во книгата се гледа севкупноста не неговата работа, мисла, ставови, во изминатите четири години – рече Прокопиев.

Според него, она што ги поврзува авторите на колумните во втората книга е длабоката убеденост во она што го пишуваат. Затоа нивните текстови се страсни, со жар, со став, со свои противници и со свои сојузници и, најважно, со голема љубов кон нашата татковина.

Според Александар Димковски, двете книги се производ на вистината, професионалноста, објективноста и слободата.

– Вистината и слободата постојат онолку колку што и самите ние сме подготвени да ги примиме. Ние тоа во „Нова Македонија“ го правиме со секој број, со секое издание, постојано трагаме по вистината, постојано се бориме и ги наоѓаме начините таа да допре до јавноста, која, пак, широкоградо го цени тоа и ни дава енергија и понатаму да опстанеме на тој пат – рече Димковски.

Александар Прокопиев, долгогодишен соработник
на редакцијата, ги промовираше книгите колумни