Венко Андоновски во друштво со славниот Хавиер Серкас во Белград

90
Венко Андоновски, Хавиер Серкас

Нашиот најчитан писател, како гостин на Белградскиот фестивал на европска книжевност, наредните денови ќе биде во одбрано друштво на светски познати автори, меѓу кои е и големиот шпански и светски писател Хавиер Серкас, автор на славните книги „Саламински војници“, „Анатомија на една побуна“ и „Хохштаплер“, кои доживеаја повеќе светски изданија

Издавачката куќа „Архипелаг“, во соработка со Домот на млади на Белград, го организира 7. Белградски фестивал на европска книжевност, од 26 до 29 јуни, на кој гостин ќе биде и еден од најчитаните македонски писатели Венко Андоновски. Андоновски, писател, раскажувач, романсиер, драмски автор, поет, есеист и книжевен теоретичар, важи за еден од најпопуларните македонски писатели од почетокот на 21 век. Негови поважни дела се „Папокот на светот“ (роман); „Вештица“ (роман); „Бунт во домот за старци“ (драма); „Фрески и гротески“ (раскази); „Кандид во земјата на чудата“ (драма) и други. Тој е добитник на сите македонски награди за проза и драма, како и на меѓународната награда „Балканика“ за романот „Папокот на светот“. Преведуван е на повеќе јазици.

Андоновски во наредните денови ќе биде во одбрано друштво на светски познати автори, меѓу кои е и големиот шпански и светски писател Хавиер Серкас, автор на славните книги „Саламински војници“, „Анатомија на една побуна“ и „Хохштаплер“, кои доживеаја повеќе светски изданија.
Серкас е главна ѕвезда на престижниот 7. Белградски фестивал на европската книжевност, заедно со британската поетеса Фиона Сампсон, германската писателка со турско потекло Хатиџе Акин, познатиот британски прозен автор Питер Салмон и една од најчитаните српски писателки Јелена Ленголд.
На панелот „Културата во транзицијата“ ќе се разговара за промените што ја зафатија културата во текот на општествените и економските транзиции, но и во текот на технолошката транзиција на модерната доба. 

Во рамките на програмата „Книжевност на филм“ ќе бидат прикажан шпанскиот филм „Млада“ на Паула Ортис, настанат по драмата на Федерик Гарсија Лорка „Крвава свадба“, германскиот филм на Букет Алакус, „Еден Ханс со лут сос“ по истоимениот роман на Хатиџе Акин, францускиот филм на Доминик Кабрере „Исцелување на живите“, по истоимениот роман на Мајлис де Керангал, како и италијанскиот филм на Енрико Пау, „Ангел на милоста“, настанат по романот на Микеле Мурџи.
Фестивалот во изминатите години привлече големо внимание, а негови гости биле: Давид Гросман, Петер Естерхази, Клаудио Магрис, Флоранс Ноавил, Арис Фиоретос, Терезија Мора, Драго Јанчар, Реј Робертсон, Барби Марковиќ, Томас Мајнеке, Бранко Чегец и Амир Ор, како и нашиот писател Гоце Смилевски. Некои од овие програми биле најпосетени книжевни програми во Белград во оваа деценија.