Векот на Фелини ќе го одбележи и Кинотеката на Македонија

51
Фелини четири пати освојувал „оскар“ за најдобар странски филм

Светскиот филм, но и културата воопшто ги задолжи со неколку наслови од неговата богата филмографија: „Сладок живот“ (1960, награда „златна палма“), „Џулиета и духовите“ (1965), „Сатирикон“ (1969), „Рим“ (1972), „Градот на жените“ (1980), „Бродот плови“ (1983). Приватно, но и професионално бил бескрајно врзан за неговата животна љубов, актерката Џулиета Масина

Кинотеката на Македонија оваа пролет подготвува циклус со некои од незаборавните филмски ремек-дела, како омаж на стогодишнината од раѓањето на славниот Федерико Фелини (1920, Римини – 1993, Рим), еден од најпознатите италијански филмски режисери на 20 век со огромно влијание врз светската кинематографија.
Потекнува од средната класа, школуван е во католички интернат. Како 18-годишник доаѓа во Фиренца да студира правни науки, но наскоро започнува да се занимава со карикатури, стрипови и со новинарство. Не престанал со тоа до смртта. Во 1939 г. се сели во Рим и повторно се запишува на факултет за да го избегне служењето воен рок, бидејќи Втората светска војна е веќе започната. Следната година почнува да пишува текстови за филм и гегови. Првиот ангажман со поголем успех му е работата како косценарист и асистент на Роберто Роселини во периодот 1945-1946 г.

– Во 1950 г. дебитира на филм како корежисер (со Алберто Латуада) на филмот „Светлините на вериетето“. Појавата на Фелини како автор кореспондира со појавата на новиот филмски бран неореализам на душата (познатиот неореализам дополнет со психолошко-морална тематика), по што почнуваат да се редат насловите во неговата филмографија: „Белиот шеик“ (1952), „Безделници“ (1953), „Улица“ (1954) – за последните два наслова ги добива првите големи награди последователно, „сребрен лав“ во Венеција… – пишува Стојан Синадинов од Кинотеката на Македонија по повод стогодишнината од раѓањето на великанот.

Фелини четири пати освојувал „оскар“ за најдобар странски филм – со „Улица“, „Ноќите на Кабирија“ (1957), „Осум и пол“ (1963) и „Амаркорд“ (1973), а петтата позлатена статуетка на Академијата за филмски уметности и наука му е доделена за животно дело. Светскиот филм, но и културата воопшто ги задолжи со неколку наслови од неговата богата филмографија: „Сладок живот“ (1960, награда „златна палма“), „Џулиета и духовите“ (1965), „Сатирикон“ (1969), „Рим“ (1972), „Градот на жените“ (1980), „Бродот плови“ (1983). Приватно, но и професионално бил бескрајно врзан за неговата животна љубов, актерката Џулиета Масина.