Вања Николовски-Ѓумар стана музички директор на „Чендлер симфони“ во Аризона

199

Тој својата активност ќе ја започне во новата сезона 2019/2020, а првиот концерт под негова диригентска палка ќе се одржи на 6 септември, во центарот за уметности „Чендлер“

Бордот на директори на „Чендлер симфони“, од градот Чендлер, Аризона, САД, објави дека се одушевени да соопштат дека нов музички директор на оркестарот ќе биде македонскиот диригент и композитор Вања Николовски-Ѓумар. Тој својата активност ќе ја започне во новата сезона 2019/2020, а првиот концерт под негова диригентска палка ќе се одржи на 6 септември, во центарот за уметности „Чендлер“
Вања Николовски-Ѓумар повеќе години живее и работи во Аризона (САД). Роден е во Битола, во 1968 година, во музичко семејство. Своето музичко образование го стекнува во Македонија. Дипломира диригирање и композиција на ФМУ во Скопје, а специјализира диригирање на конзерваториумот „Николај Римски Корсаков“ во Санкт Петербург.

Од 1996 година активно работи како прв диригент во МОБ („Травијата“, „Веселата вдовица“, „Боеми“, „Тоска“, „Набуко“, „Риголето“, „Волшебната флејта“, „Норма“, „Трубадур“, „Кармен“, „Кавалерија Рустикана“, „Аида“, „Мадам Батерфлај“, „Фауст“, „Лучија ди Ламермур“, „Борис Годунов“ и др.), во исто време е и редовен гостин-диригент на Македонската филхармонија, на Воениот оркестар, на Младинскиот оркестар, на неколку хорски ансамбли и др. Неговиот композиторски опус е со музика за разни вокално-инструментални форми, претстави, аранжмани.

По неколкугодишно отсуство од македонската музичка сцена, диригентот Вања Николовски-Ѓумар на 21 јули, 2007 година, гостуваше на фестивалот „Охридско лето“. Ја диригираше Вердиевата „Риголето“ во изведба на Македонската опера, во преполниот Антички театар, чија изведба беше поздравена со овации.
Со години настапува во една од најголемите цркви во Феникс за Божиќ, диригира со хор, солисти и оркестар, бил главен диригент на годишниот концерт на „Јамаха“, на кој настапуваат најталентираните деца од цела Америка и Канада. Во училиштето има и класа по композиција.

– Од Македонија си заминав со една и единствена цел, воедно моја животна цел: да ја освојам Америка како диригент и композитор и потоа да можам мирно да живеам во Шпанија, Италија, Русија… А инаку, сакам барем секоја втора година да си доаѓам во другата дома, Македонија, и да го пренесам стекнатото искуство, да си се видам со пријателите, со луѓето што ги почитувам и сакам – изјави во една пригода Ѓумар.