Британскиот кинематографер Роџер Дикинс добитник на „Златна камера 300“ за животно дело

69

Британскиот оскаровец Роџер Дикинс, кинематографер на култни филмови како „Бегство од Шошенк“, „Фарго“, „Човекот кој не беше таму“, „Нема земја за стари луѓе“… и познат по соработката со браќата Коен, е лауреатот на „Златна камера 300“ за животно дело на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој од 22-ри до 29 септември ќе се одржува во Битола.

Одлуката ја соопшти раководството на фестивалот денеска на прес-конференција, на која присуствуваше и британскиот амбасадор Чарлс Гарет.

За професионалната биографија на лауреатот зборуваше уметничкиот директор на ИФФК Благоја Куновски-Доре кој рече дека Дикинс (1949) ќе биде гостин во Битола за време на фестивалот заедно со неговата сопруга, Џејмс Елис Дикинс, исто така филмски професионалец.

Во неговата плодна кариера се издвојуваат два периода – британски – од средината на 1970-тите години кога снима филмови во кинематорафијата на својата земја, најмногу со режисерот Мајкл Редфорд, како и со режисерите Мајк Фиџис и Алекс Кокс.

Вториот период е американски, од 1990 година, кога со режисерот Боб Рејфелсон го снима својот прв американски филм „Планини на Месечината“.

Следната година го снимил првиот филм на браќата Џоел и Итан Коен – „Бартон Финк“ и со нив ќе изгради најплодна соработка, станувајќи нивни партнер-кинематографер и ги снима сите нивни филмови од кои добива и најмногу (пет) од 13-те номинации за Оскар. Останатите осум номинации се со други, исто така, познати американски режисери.

– Нашата неколкугодишна упорност да го донесеме во Македонија еден од најголемите живи светски кинематографери Роџер Дикинс се оствари на наша најголема радост и тоа во годината кога тој конечно стана заслужен освојувач на Оскарот за креацијата во сега веќе новото антологиско дело од неговата богата ризница – „Blade Runner 2049“, филм креиран во соработка со канадскиот режисер Дени Вилнев, со кого претходно ги имаше и одличните остварувања „Сикарио“ и „Затвореници“ – истакна Куновски на прес-конференцијата, додавајќи дека покрај италијанските, британските кинематографери се најбројни лауреати во речиси четиридецениското постоење на „Браќа Манаки“.

Покрај Дикинс, кој за своето творештво има 115 светски филмски награди и 148 номинации, на фестивалот во Битола ќе има уште една ѕвезда која организаторите ќе ја соопштат на крајот на август.