Брзај полека

97

Во 2007 година некогашното чудо од дете, а тогаш веќе виолинист со светска слава, Џошуа Бел (роден на 9 декември 1967 година во Блумингтон, Индијана), направил социјален експеримент во Вашингтонското метро. На својата (непроценливо вредна) виолина „страдивариус“, со своето (непроценливо вредно) мајсторство, едноставно облечен и со качкет на главата, застанал и ги свирел Сонатите и Партитите за соло-виолина на Јохан Себастијан Бах. Неговиот пријател и соучесник во експериментот, диригентот Леонард Слаткин (роден во 1944 година), предвидел дека од 1.000 луѓе што ќе поминат, 35-40 ќе ја препознаат врвната изведба, можеби 75-100 ќе застанат да послушаат, некои од нив ќе дадат ситна напојница, па „заработувачката“ ќе биде околу 150 долари. Од 1.097 луѓе што поминале додека Џошуа Бел свирел, само седуммина застанале и ја заслушале несекојдневно убавата музика, а дваесет и седуммина го почестиле со ситни пари, па вкупниот биланс бил 52 долара и 17 центи. Во 2014 година Бел повторно настапил на метро-станицата, но овој пат неговиот настан бил најавен. Илјадници луѓе дошле, стоеле и слушале во ужасниот метеж што сѐ создал. Свесни дека пред нив стои великан од највисок ранг, луѓето егзалтирано реагирале на убавината, за разлика од претходната резигнираност.

(Џошуа Бел сѐ уште е еден од најдобрите виолинисти на светот. Освен што настапува како солист низ светот, тој неодамна го обнови договорот за позицијата музички директор во оркестарот „Академи оф Сент Мартин ин д филдс“, еден од врвните светски оркестри. Веста беше објавена на гала-концертот по повод 60-годишнината од основањето на оркестарот.)

Која била целта на експериментот? Да ни покаже дека убавината може да биде каде било? Дека во анонимните улични музичари можеби се крие исклучителен талент? Дека сите сме склони кон влијание од добро изработената реклама? Јас би рекла дека пораката е – да не брзаме, да си оставиме време за да ѝ дадеме шанса на убавината да ја скроти нашата душа. „Жури се полако“, викаше баба ми.

Лада Шоптрајанова Петровска