Бојкот на доделувањето на Нобеловата награда за литература

646

На австрискиот писател Петер Хандке вечерва му беше доделена Нобеловата награда за литература во Стокхолм. Хандке е познат по своите контроверзни ставови за тоа што се случи во регионот, односно го негираше геноцидот во Сребреница и повика на одбрана на Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Србија кој е обвинет за воени злосторства во Хаг.

За време на доделувањето на Нобеловата награда се одржа голем протест против Шведската академија и одлуката годинешниот лауреат да биде контроверзниот австриски писател.

Од Министерството за надворешни работи соопштија дека и Македонија се солидаризира со останатите земји кои најавија дека нема да учествуваат на церемонијата на доделувањето на Нобеловата награда за литература.

-Со негирањето на геноцидот мора да се спротивставиме. Пративме инструкции до амбасадорот на Северна Македонија во Шведска да не учествува во церемонијата на доделувањето на Нобеловата награда на Хандке – напиша министерот за надворешни работи Никола Димитров на својот профил на Твитер.

И од Министерствата за надворешни работи на Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Турција, како и владата на Косово соопштија дека ќе го бојкотираат доделувањето на наградата на Хандке.