„Болка и слава“ на Алмодовар вечерва го отвора „Браќа Манаки“

157
Сцена од филмот „Болка и слава“

На отворањето со своето присуство ќе нѐ почести и големиот филмски драматург, сценарист, режисер, продуцент, Ирецот Џим Шеридан, кој ќе ни ја испрати честитката за јубилејот во име на ЕФА

Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ оваа година се одржува по јубилеен 40-ти пат, а вечерва од 20 часот ќе го отвори новиот филм на култниот шпанскиот режисер Педро Алмодовар, „Болка и слава“, кој својата премиера ја имаше на годинашното издание на Канскиот филмски фестивал. Филмот е ремек-дело на кинематограферот Хосе Луис Алкаине, кој е фестивалски лауреат и добитник на наградата „златна камера 300“ за животен опус во 2013 година и кој ќе биде специјален гостин на отворањето. Во селекцијата на филмови што ќе се натпреваруваат за златна, сребрена и бронзена „камера 300“ се вклучени повеќе филмови со експлозивна визуелна динамика што ги одразува и надградува идеите на сценаристите и режисерите. Во стручното жири се: Едвард Лакман од САД, претседател, Ненад Дукиќ од Србија, Доминик Велински од Франција, Калојан Божилов од Бугарија и Фејми Даут од Македонија.

На отворањето со своето присуство ќе нѐ почести и големиот филмски драматург, сценарист, режисер, продуцент, Ирецот Џим Шеридан, кој ќе ни ја испрати честитката за јубилејот во име на ЕФА. Шеридан е самиот шест пати номиниран за „оскар“, ги има режирано најгледаните и најдобро оценуваните филмски наслови, како „Во името на таткото“, „Моето лево стапало“, „Боксер“, филмови што се аманет за секој филмски професионалец.

Фестивалот е најстар во светот посветен на креативноста на кинематограферите, одговорни и заслужни замислениот филмски проект да стане приказна во слики на големото платно. Организирана првпат во април 1979 година како „Денови на филмската камера ’Милтон Манаки’“ по повод 15 години од смртта на Милтон Манаки, филмската манифестација во Битола израсна во бренд на градот и на државата.
Гена Теодосиевска, директорка на ИФФК „Браќа Манаки“, најавува дека осум вечери ќе се слави филмот, ќе има нови локации за проекции и други новини, нестандардно отворање на фестивалот. Годинава има нови локации за прикажување филмови покрај постојните две во Центарот за култура – Битола, две на отворено: Магазата и внатрешниот двор во Музеј и завод Битола, библиотеката и две средни училишта и едно кино-кафе. Во Битола доаѓа Фатих Акин, блескава режисерска ѕвезда во чија чест во специјалните проекции ќе се прикаже и неговото најново филмско остварување „Златната ракавица“. 

Едвард Лакман пристигна во Скопје