„Бикини Мун“ на Манчевски имаше азиска премиера во Шангај

93

Новиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски, „Бикини Мун“, имаше азиска премиера на Филмскиот фестивал во Шангај, Кина, еден од најголемите фестивали во Азија. Премиерата беше изминатиот викенд во селекцијата „Ново од авторите“.
Режисерот Манчевски беше присутен во Шангај за премиерата по која имаше разговор со публиката. Како специјален гостин, на затворањето на фестивалот учествуваше и во врачувањето на наградата за најдобро филмско деби. „Бикини Мун“ пред публиката го претстави менаџерот на Шангајскиот фестивал, Мао Лијун, кој како критичар прв пишувал за филмовите на Манчевски уште од „Пред дождот“.
– Многу сум задоволен од приемот на публиката во Шангај, имавме одличен муабет, „Бикини Мун“ ги допре на многу длабок начин и добив интересни прашања – вели Манчевски.
По повод премиерата на „Бикини Мун“, кинеската телевизија сними и емисија за Манчевски. Филмовите на Манчевски се многу популарни во Кина и се предаваат на универзитетите во Пекинг, Шангај и во Чонкинг. Лани Манчевски доби големи почести и медиумско внимание на гостувањето во Шангај, при првото сеопфатно претставување на македонски уметник во Азија воопшто. Три големи институции во Шангај одвоено го поканија да гостува пред кинеската публика, покана неповрзана со македонското министерство за култура.