„Без авторски права“ премиерно во „Кино култура“

73

Театарската претстава „Без авторски права“, во режија на Милош Б. Андоновски, ќе биде премиерно изведена в недела, во 20 часот, во „Кино култура“. Наместо осврт кон претставата, режисерот решава да сподели една лична приказна.

– Дома, уште кога бев дете, си остававме пораки на ливче со моите на трпезариската маса. Пораки од типот: јади од ручекот во фрижидерот, денес ќе се вратиме од работа подоцна, исклучи го бојлерот… Бев четврто или петто одделение и еден ден решив да се пошегувам со мајка ми, па пред да излезам од дома ѝ оставив порака: „Мамо, јас заминав за Америка и нема да се вратам.“ Всушност, тргнав кај некое другарче од одделението за да вежбаме математика. Мајка ми се вратила дома по работа и, нормално, за малку што не доживеала срцев удар. Сè додека еден ден не одлучив да ја (по)ставам оваа приказна на сцена – вели Андоновски.

Претставата зборува за заминувањата и враќањата, наши и сечии, и некогаш трае подолго, некогаш пократко, во зависност од тоа колку е подготвена публиката. Драматургот Ева Камчевска, пак, забележува дека понекогаш кога работите не одат по планот, по првичната фрустрација, креативноста зема збор.

– Така беше и во нашиот случај во процесот со оваа претстава. Не добивме авторски права за она што сакавме да го работиме, па создадовме нешто за кое само ние ги поседуваме авторските права – вели таа.

Костимите за претставата ги изработи Раде Василев, а улогите ги толкуваат Јеткин Сезаир, Ангела Стојановска и Јанка Лефкова. Претставата „Без авторски права“ е продукција на друштвото за театарски и едукативни дејности „Театар на Навигатор Цветко“ и е поддржана од Министерство за култура и општината Центар.