„Балкански момци“ на Евтимов ја отвори театарската сезона во Цетиње

69

Црногорските медиуми пишуваат дека комедијата на Евтимов не е поставена на сцена само да нѐ насмее туку тој направил адаптација на текстот и ги соочил карактерите со нивните слабости и порази

Новата театарска сезона во кралскиот театар „Зетски дом“ во Цетиње, Црна Гора, почна со комедијата „Балкански момци“, во режија на македонскиот режисер Синиша Евтимов, типична приказна за изневерените очекувања на Балканот, каде што соништата стануваат бесмислени, а единственото решение е да се замине. Така, момците од Балканот ќе се најдат во Австрија, каде што работат во ноќен клуб. Црногорските медиуми пишуваат дека комедијата на Евтимов не е поставена на сцена само да нѐ насмее туку тој направил адаптација на текстот и ги соочил карактерите со нивните слабости и порази.

– Нашата неспособност ја заменивме за милион оправдувања. Тревата секогаш е позелена кај комшијата. Не е до нас, ние имаме најдобри намери, но големите сили нѐ кочат… Ма, нема место тука за мене. Палам на Запад… Јас сум поинаков, никој не ме разбира, нема тука живот за мене. А што направивме ние за да ги усложниме нашите светогледи? Побаравме совет за подобар живот на Гугл. Секој ја живее својата „приказна“ на мрежата, а онаа вистинската речиси не постои. Човечката цивилизација е во дефицит на емпатија. Ова е необична приказна за обичниот човек, за неговата борба за опстанок, за преземањето одговорност и враќање на верата во животот и човештвото – изјави режисерот Синиша Евтимов.

Драматургот на претставата Рајко Радуловиќ вели дека „Балкански момци“, неволно стојат на сцената и подготвени се од очај во вистинска смисла на зборот да ги спуштат панталоните, емоционално да се соголат пред публиката за да излезат од мракот во кој се наоѓаат. Според него, претставата е своја, автентична и храбра.

Работена е по мотиви на текстот „Лејдис најт“ на Антони Меккартен и Стивен Синклер, како и филмското сценарио „Фул монти“ на Стивен Бофој. Игра меѓународен тим глумци: Атанас Атанасовски и Валентин-Тино Костадиновски (Македонија), Пеџа Марјановиќ (Србија), Мак Ченгиќ (Босна и Херцеговина), како и: Јулија Милачиќ Петровиќ Његош, Стеван Вуковиќ, Павле Прелевиќ и Лара Драговиќ (Црна Гора). Сите тие со радост работеа на претставата, сигурни дека публиката ќе го сфати хуморот, како и единственото решение за неволјите што стојат зад него. Се чини дека единствено што може да ги спаси момците од Балканот е идеја.

– Публиката оваа претстава ќе ја доживее на различни начини, некој можеби ќе се смее, некој ќе критикува. Важно е да имаме добра атмосфера. Ние сме мешан ансамбл, доаѓаме од различни земји, и јазикот и начинот, сѐ е различно, баш како што е во стварноста. Тоа е голем плус за оваа претстава – изјави актерот Атанас Атанасовски за црногорските медиуми во пресрет на премиерата.
Според Валентин-Тино Костадиновски, ова е комедија во стилот на она што го гледаме на Нетфликс.

– Како кога листаш на Фејсбук, немаш многу време, тоа е модерен стил на комедија. Тука сѐ тече едноподруго, на сцената се случуваат толку многу работи и по два часа ќе размислиш кои проблеми и тешки прашања си ги видел во претставата – вели актерот.
Според Евтимов, пак, комедија никогаш не се прави заради смеа, тоа што луѓето ја сфаќаат како нешто несериозно е проблем.

– Театарот во последно време стана некаков декалмативен политички медиум, тоа е прекрасно, но сметам дека театарот постои поради жанровите и, така гледано, комедијата е класичен театарски жанр. Комедијата е ужасно сериозен жанр што се занимава со многу сериозни приказни што ги третираме од смешната страна. Ако театарот е огледало на животот, можеме да тврдиме дека ние тука правиме дисторзирано огледало – заклучува режисерот Евтимов.

Костимограф на претставата е Лина Лековиќ. По синоќешната премиера, ќе се прикажува и во наредниве три дена. Претставата е дел од интеррегионалниот проект „Адних“ (Ипа СБЦ Италија-Албанија-Црна Гора), кој се спроведува во периодот 2018-2020 година, а се занимава првенствено со заштита и промоција на регионот на јужен Јадран.