Балканските култури продолжуваат да се интегрираат во Европа

24

Во официјално писмо до претседателот на фестивалот и ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Јордан Плевнеш, Министерството за култура на Република Франција извести дека oстанува покровител на фестивалите на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа во Париз и во Берлин, организирани уште во 2011 година, за интегрирање на балканските култури во Европа.

На оваа манифестација досега се прикажани над сто играни и поголем број документарни, кратки и анимирани филмови, со што таа прерасна во културен прозорец на новите имиња на синеасти, кои првпат ги презентираат своите остварувањана во двата најголеми центри на Европа. Во соработка со „Академиа Балканика Еуропеана“, фестивалот исто така го воведе признанието „Легенди на Југоисточна Европа“ со кое ги вреднуваше делата на режисерите Вељко Булајиќ, Душан Макавејев, Луцијан Пинтилие, па така оваа година високото признание му припадна на познатиот српски режисер Боро Драшковиќ. Актерите Мики Манојловиќ, Мето Јовановски, Раде Шербеџија, Јон Карамитру, Емир Хаџихафисбеговиќ, беа досегашни добитници на признанието „Актер на Југоисточна Европа“, а оваа година добитник на ова престижно признание е познатата словенечка актерка Милена Зупанчич. Минатата година фестивалот воведе и едно ново признание за животно дело во областа на филмската документаристика именувано според еден од најпознатите автори на документарниот филм во светот, Фредерик Росиф (1922-1990), роден во Цетиње, Црна Гора – близок пријател на Абер Ками, Жан-Пол Сартр и Ернест Хемингвеј, кој го помина поголемиот дел од животот во Париз. Наградата „Гран при Фредерик Росиф 2019“ оди во рацете на францускиот документарист Жак Перен, а нему ќе му ја врачи професорот од „Сорбона“ Фабрис Далмеида, на 28 мај во Големиот аудиториум на ИНАЛКО, на „Сорбона“. Наградата „Европа прима“ ќе им биде доделена на познатите француски документаристи Жак Дебс и Мари Арно, за нивниот серијал „Манастирите на Европа“ во продукција на Арте, и на германскиот новинар, преведувач и публицист Рудигер Росиг. Добитници на признанието „личност на Југоисточна Европа“ за особен придонес и поддршка на културата се Ирена Јакимовска од Комфи Ангел од Прилеп и Слободан Кутревски од „Пекабеско“, Скопје.
Годинашните изданија на „СЕЕ а Берлин“ и „СЕЕ а Париз“ почнуваат денеска и ќе траат до 31 мај, во престижното берлинско кино „Кенингсштад“ во Берлин во соработка со универзитетот „Хумболт“, како и на Универзитетот на Париз-Сите-Сорбон, каде што ќе бидат прикажани повеќе играни, документарни, анимирани и кратки филмови од 15 земји од регионот на Југоисточна Европа.