Архитектурата на Скопје во „МоМА“

122

Предавање на темата „Архитектурата на Скопје во МоМА“ ќе се одржи в недела, со почеток во 19 часот, во киното „Фросина“. Во периодот од јули 2018 до јануари 2019 година, во Музејот на модерната уметност во Њујорк се одржа изложбата „Кон конкретната утопија: архитектурата на Југославија 1948-1980“, прво и најсеопфатно прикажување на архитектурата на поранешна Југославија во светски реномирана институција. Во рамките на ваквото претставување, постземјотресната обнова на Скопје доби значителен простор и претставуваше јасно издвоена, препознатлива целина.

Излагањето на Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова и на Јован Ивановски ќе се осврне на нивната улога во текот на истражувањето и создавањето на изложбата.
Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков и Јован Ивановски се архитекти што како тим повеќе од една деценија соработуваат на различни архитектонски и истражувачки проекти. По серијата архитектонски конкурси работени во периодот 2008-2011, следуваат поголем број истражувања и изложби. Во 2014 г. се куратори и некои од авторскиот тим на проектот „Наоди“ со кој Македонија се претставува на Биеналето во Венеција. Автори се на истражувачките проекти: „Невидливо Скопје“ (МГС, 2013), „Биографија на едно архитектонско дело: Телекомуникациски центар – Скопје“ (МГС, 2016), „Скопските вертикали“ (МГС, 2018) и „Загрозени видови“ (Природонаучен музеј, 2018), проследени со изложба и публикација. Своите истражувања поврзани со модерната архитектура на Скопје ги претставуваат и надвор од границите на Македонија со изложбите: „Скопје, македонска архитектура во контекст“ (Галерија Рингтурм, Виена, 2017), „Иднината како проект: Доксијадис во Скопје“ (Музеј Бенаки, Атина, 2018) и во рамките на поширок истражувачки тим: „Кон конкретната утопија: архитектурата во Југославија 1948-1980“ („МоМА“, Њујорк, 2018).