„Аполон – водач на македонскиот бунт“

73

Пред неколку дена од печат излезе книгата „Аполон – водач на македонскиот бунт“ од адвокатот и публицист Ставре Џиков и проф. Марјан Иваноски од Институтот за национална историја, во издание на издавачката куќа „Антолог“.

Личностите од нашето минато што воопшто не се истражувани или, пак, се споменати повремено, а кои заслужуваат македонската историографија да им најде соодветно место во македонската историја не се малку на број. Една од тие личности е и Трајко Попов. Човекот што од својата рана младост се задоил со идеалот за независна и обединета македонска држава на македонскиот народ и од тој идеал не се откажал и останал доследен сѐ до својата погибија.

За Трајко Попов многу малку се знае, малку се знае за неговата културно-уметничка активност како извонреден игрoорец, кој има настапувано на многу домашни, југословенски и европски настани. За неговите игрoорски способности тој добил многубројни признанија, а Англичанката Мод Карпелес го нарекла Аполон и сјаен играч. А уште помалку се знае за неговите политички ангажмани и активности во времето на Кралството Југославија, Втората светска војна и ослободувањето, односно како предводник на македонското национално движење „Бунт“, формирано во 1938 година во Скопје. Тоа беше и главниот мотив да се зафатиме со обработка на ликот и делото на Трајко Попов, преку консултација на расположливата документација и литература.

Иако дејствувал во два окупациски режими, како српскиот и бугарскиот, Трајко Попов бил осуден на смртна казна во ослободена Македонија. Осуден на смрт заради идеалот за независна и обединета македонска држава, за што најдобро сведочи неговата изјава пред органите на безбедноста во мај 1945 година: „Со започнувањето на партизанските борби и со паролата ‘За Федеративна Југославија’, за нас беше необјасниво и си го поставихме прашањето дали во таја Југославија влегат Пиринска и Егејска Македонија или само Вардарска. Со тоа, ако во неја влага и Грчка Македонија со Пиринска, за нас нема друго да постоји освен Федерална Југославија. Ако, пак, остане само Вардарска, таа би била непотполна јединица – како мува без глава.“ Трајко Попов бил стрелан на 19 август 1946 година на тајно место, а до денес не се знае каде му е гробот.

Воден од желбата за угодување на наредбите од Белград, македонскиот политички врв не избирал средства за справување со политичките неистомисленици. Обидот да се создаде слика дека и Македонија бескомпромисно се справува со „контрареволуционерните сили“, го доведе судскиот систем во Македонија во една апсурдна положба да мора да им изрекува смртни и долгогодишни затворски казни на лица што биле за интегрално решавање на македонското национално прашање, спротивно на тогаш востановената политика на македонските, односно југословенските комунисти. Судскиот систем, судејќи им ним, како што беше случајот со Трајко Попов и „Бунт“, всушност ја судеше идејата за независна и обединета македонска држава на македонскиот народ.

Рецензенти на монографијата се проф. Лидија Ѓурковска и доц. Невен Радически. Проф. Ѓурковска има запишано: „Во трудот документирано се говори дека Трајко Попов и другите од македонското национално движење ’Бунт’ биле доследни на своите определби за реализирање на историските идеали на македонскиот народ за национално ослободување и конституирање суверена национална држава. Во напорите за практично реализирање на овие цели, Трајко и другите биле бескомпромисни и решителни борци, подготвени да ги поднесат, издржат и поминат и најтешките препреки што произлегувале на патот на поставената цел и реализирањето на крајната определба“.

Додека доц. Радически во својата рецензија истакнува: „Монографскиот труд ’Аполон – водач на македонскиот бунт’ претставува исклучително важен придонес кон расветлувањето на еден дел од македонското историско минато, во кој централно место заземаат животот и делото на македонскиот патриот Трајко Попов (1910 – 1946), еден од основачите и водач на илегалното македонското национално движење ’Бунт’.“
Со поедноставување на стилот на пишување, кој е поблизок до обичниот читател, сметавме дека трудот ќе ја постигне примарната цел: запознавање на пошироката публика со неопходните информации за ликот и делото на Трајко Попов.