Алтернативните формати на книгите стануваат сѐ попопуларни

139

Блогот „Литераритач“ објави подолга листа на интересни факти поврзани со книгите, меѓу издвоените 20 е и јапонскиот збор „цундоку“, кој значи „да складирате читачки материјал во својот дом и никогаш да не го прочитате“.

1. Најстарото литературно дело
Најстарото познато литературно дело е епската поема насловена „Еп за Гилгамеш“ од античка Месопотамија. Хартиени книги не постоеле во тоа време, па затоа целата приказна е раскажана на 12 камени плочи. Денес „Епот за Гилгамеш“ е достапен на дигитален таблет и на е-читач.

2. Првиот модерен роман
Првиот роман во светот е „Приказната за Генџи“ напишана од Мурасаји Шикобу, благородничка и асистентка во судница во 11 век во Јапонија. Во оригиналното издание, речиси ниту еден од ликовите нема имиња и се споменати со скратеници поради јапонската судска етика во ерата хеиан.

3. Првата објавена книга
Првата книга што некогаш била објавена била Гутемберговата Библија во 1453 година. Неа ја испечатил пронаоѓачот на самата печатница, Јоханес Генсфлејш зур Ладен зум Гутенберг. Гутенберговата Библија и Гутенберговата печатница се сметаат за револуционерни и за вовед во новата ера во човековата историја.

4. Постојат тони книги
Секоја година се објавуваат 755.755 нови книги. Од средината на 2017 година па наваму се објавени околу 134.399.411 книги во светот.

5. Најголемата книга во светот
Најголемата книга во светот се наоѓа во Мандај, Мјанмар на пагодата Кутода. Пагодата содржи колекција од 730 мермерни таблети околу основата на нејзината структура, двострано испишани со текст. Колекцијата на таблети го носи целосниот текст на теравада-будизмот. Оваа голема камена книга ја изградил кралот Миндон Мин во 1857 година, и првично имала златно мастило и скапоцени камења.

6. Најголемата објавена книга
Најголемата книга некогаш објавена на конвенционален начин е бразилска копија на „Малиот принц“ од Антоан де Сен Егзипери (кој исто така бил и пионер во авијацискиот свет). Таа била 3,08 метри широка (отворена) и висока 2,01 метри. Беше прикажана на Саемот на книгата во Рио де Жанеиро, Бразил, во септември 2007 година.

7. Најдолгиот роман на сите времиња
Најдолгиот роман на светот што некогаш бил напишан е „Сеќавање на минатите нешта“ од Марсел Пруст. Се проценува дека романот содржи 9.609.000 букви.

8. Најскапата книга некогаш
Најскапата книга во светот е првото издание на книгата „Беј Псалм“, прво отпечатено во Кембриџ, Масачусетс во 1640 година. Значаен факт е дека оваа книга е една од првите книги што се печатат со печатот во Новиот свет, влегувајќи во производство само неколку децении откако пилигримите пристигнале во Плимут. Била продадена за 14.165.000 долари на аукција во 2013 година во Њујорк.

9. Најголемата структура направена од книги
Во јуни 2017 година, аргентинската уметничка икона Марта Минуин создаде пантеон направен од забранети книги, пластични обвивки и метални структури. Сепак, наместо да го изгради на Акропол во Атина, Минуин го изгради на историското нацистичко место за палење книги во централна Германија. „Пантеонот Забранета книга“ се состоеше од 100.000 примероци од 170 наслови.

10. Најпродаваната книга во светот
Најпродаваната и најчитана книга во светот сѐ уште е Библијата („Гидеонс интернешнал“ можеби помогна да се случи ова).

11. Постои организација посветена на хотелски Библии
Оние библии што ги наоѓате во хотелските соби се дистрибуираат од организација наречена „Гидеонс интернешнал“, основана во 1899 година. Оваа организација постои со единствена цел да дистрибуира Библии. До 2015 година, „Гидеонс интернешнал“ дистрибуира над 2 милијарди Библии и се проценува дека ќе дистрибуира повеќе од две Библии во секунда (што е повеќе од 7.200 на час). Овој факт е често проследен со прашањето дали би требало (или дозволено) да ги земете овие Библии од хотелската соба. Иако Библијата е наменета за луѓето што престојуваат во хотелската соба, од „Гидеонс интернешнал“ велат дека не им пречи кога луѓето ги земаат со себе.

12. Библиотеката на Александрија е најголемата библиотека на античкиот свет
Античката библиотека на Александрија, во Александрија, Египет се смета за една од најголемите библиотеки во античкиот свет. Секоја книга што влегувала низ пристаништето на градот станувала нејзина сопственост, а копија се печатела за сопственикот. Се проценува дека имало до 400.000 свитоци на текст, пред таа да биде уништена. Уништувањето на Александриската библиотека е познато и романтизирано како една од најголемите историски културни загуби за човештвото.

13. Ако ви се допаѓа мирисот на книги, можеби треба да знаете дека постои дури и збор за тоа
Ако една од првите работи што ги правите кога ќе добиете нова книга е мирисањето на страници на книгите, знајте дека не сте сами. Чинот на уживањето во мирисот на книги се нарекува библиосмија и е честа појава.

14. Купувањето книги и нечитањето е исто така честа појава
Јапонскиот збор „цундоку“ значи „да складирате читачки материјал во својот дом и никогаш да не го прочитате“.

15. „Хари Потер“ е најзабрануваната книга во 21 век (САД)
Според Американската библиотечна асоцијација, серијалот „Хари Потер“ бил најзабрануван во периодот од 2000 до 2009. Најголемиот проблем се состои во начинот на кој се прикажани вештерството и волшебништвото.

16. Алтернативните формати на книгите стануваат сѐ попопуларни
Од сите анкетирани Американци што читаат книги, 28 отсто читале е-книга, 13 отсто читале од мобилен телефон, а 14 отсто од нив слушале аудиокнига.

17. Луѓето што читаат фикција се пофини
Според студијата на универзитетот „Кингстон“ од 2017 година, постои врска помеѓу читањето фикција и реалните социјални способности на читателите. Луѓето што читаат фикција се смета дека повеќе сочувствуваат со другите, отворени се кон различни гледишта и дека се со поголема веројатност да покажат позитивно социјално однесување.

18. Читањето книги може да помогне во спречување на Алцхајмеровата болест и деменцијата
Еден од начините да ги спречите Алцхајмеровата болест и деменцијата е да почнете да читате книги. Луѓето што читаат многу во текот на нивниот живот и се занимаваат и со други ментално стимулирачки активности, најчесто имаат помалку бета-амилоидни протеини и наслоеност во мозокот (кои се поврзани со Алцхајмеровата болест).

19. Читањето може да ве ослободи од стресот
Според студијата на Универзитетот во Сасекс, читањето може да го намали нивото на стрес до 68 отсто. Читањето дури и ги надмина слушањето музика (61 отсто) и чајот или кафето (54 отсто) како средство за ослободување од стресот.

20. Луѓето што читаат живеат подолго
Според една студија објавена во „Општествени науки и медицина“, читањето книга најмалку 30 минути на ден може да го зголеми животниот век. Истражувачите откриле дека оние што читаат книги половина час или повеќе на ден имале предност од 23 месеци за преживување (во просек живеат речиси две години повеќе).