Албански изведувачи направија одличен спој на џез и на фолклор

141

Полифоната вокална музика е сè уште актуелна во Албанија, а во 2005 година е прогласена за ремек-дело на нематеријалното културно наследство од УНЕСКО. Албанскиот „Исо-полифон хор“ е најголемиот претставник на различни музички стилови од јужна Албанија

Познатиот пијанист Роберт Биша од Албанија викендов одржа концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“ настапувајќи заедно со вокалната група „Исо-полифон хор“. Овој исклучително талентиран пијанист истовремено е и композитор и мултиинструменталист, а на подиумот во црквата „Света Софија“ ја покажа и својата генијална импровизација на пијаното, предизвикувајќи восхит кај публиката. Концертот на Биша беше поделен на два дела. Во првиот настапи соло, а публиката имаше можност да слушне легенди.

– Публиката имаше можност да слушне легенди бидејќи тие не само што влечат теми од традицијата, туку се и унифицирани во духот на модерното време. Се надевам дека самите композиции го доловија архетипот на компонирање. Овој проект носи со себе еден типичен збор, духовност што ние се обидовме да ја доловиме – рече Роберт Биша.
Во вториот дел од настапот во црквата „Света Софија“, уметникот настапи заедно со полифоната вокална група „Исо-полифон хор“.

– Имаше елементи на џез, но и на современата музика, а секако и обработки на фолклорни теми што беа во корелација со модерните трендови. Модерните композитори во своето работење секогаш се трудат да создадат комбинација на современата музика и елементите од фолклорното богатство. Таква комбинација имаше во вториот дел од концертот каде што имаше изведби на дела во придружба на пијано заедно со „Исо-полифониот хор“ – рече пијанистот Биша.

Музиката на Роберт Биша е современа со елементи на авангардниот џез. Свири на електрично пијано, правејќи ремикси на оригинална музика, имплементирајќи ги техниките на класичната музика со современи хармонии и елементи на богатиот албански фолклор.

Полифоната вокална музика е сè уште актуелна во Албанија, а во 2005 година е прогласена за ремек-дело на нематеријалното културно наследство од УНЕСКО. Албанскиот „Исо-полифон хор“ е најголемиот претставник на различни музички стилови од јужна Албанија. Зборот „исо“ го претставува т.н. дрон (придружба, каде што еден тон или акорд постојано звучи низ целата композиција), кој може да се пее континуирано или ритмички спротивно од другите мелодии. Ваквите композиции претежно ги изведуваат машки гласови на најразлични социјални случувања. Традиционално, исо-полифоното пеење од јужните делови на Албанија се пренесува од колено на колено. А.Р.