Акварелите на Елизабета Костова изложени во Кавадарци

51

Во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“ синоќа во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ беше отворена изложба на Елизабета Костова од Скопје. За нејзината петта самостојна изложба на акварели на отворањето говореше ликовниот уметник Горан Боев истакнувајќи ја нејзината умешност и мајсторска вештина во техниката акварел.

Свој настап на отворањето имаше и оркестарот на традициски инструменти при ООМБУ „Лазо Мицев Рале“ од Кавадарци.

– Елизабета Костова иако дипломирала на Филозовскиот факултет во Љубљана, целиот свој живот својата креативност ја изразува на различни полиња. Слика од кога знае за себе.

Нејзината уметничка дарба се раскрили и најраскошно се покажа во дружбата со боите и четките. Тоа е видливо на секоја нејзина слика, во секој потег на четкичката, во секоја нијанса на боите. Секоја слика е огледло на душата на уметницата- нежна, трепетна, меланхолична, полна со љубов кон малите детали кои не можат секогаш да се забележат на прв поглед. Ликовите на двојките и жените, пејзажите, птиците, цвеќињата, овошјето, како да треперат на границата помеѓу реалниот и нереалниот свет, како да се излезени од сонот или како да одвај чекаат да се вселат во него – ќе напише писателката Виолета Танчева Златева за Елизабета Костова.

– Во делата претставени на оваа петта самостојна изложба на акварели Елизабета Костова тежи кон поголема креативна слобода. Иако мотивите на пејзажи, портрети и цвеќиња се повторуваат, спектарот на употребената боја се проширува и се слева во една хомогена целина. Со оставање на бели површини на сликарската површина се добива впечаток на транспарентност и впечаток дека сликата е направена во еден здив. Присутна е градација од суптилна илузија за бојата до повеќеслојни наноси на бој, но сликата секогаш го задржува впечатокот на прозирност и леснотија во изведбата и при тоа делува спонтано, хармонично и лирично. Пејзажите кои ги слика видени се од некој свој агол и честопати потсетуваат на имагинарни и замислени предели. Портретите, предметите и пејсажите како да имаат некое таинствено и носталгично значење – ќе напише за делата на Костова историчарката на уметност Николина Спасовска.

М.М.