Адам Загајевски: Некои тврдат дека мојата поезија им помага да живеат

156

Мојот егзил е индивидуален и не е типичен – јас никогаш не сум бил сиромав, ниту гладен! Во 1992-та заминав во Париз, кога во Полска навистина беше многу тешко. Но не заминав да бидам дисидент, туку поради тоа што се вљубив. Мојот случај како дисидент не беше сериозен, ако не се има предвид дека љубовта и онака е доволно трагична, вели Загајевски

Адам Загајевски (1945 г.) од Полска, годинашниот добитник на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, е поет, писател, преведувач и есеист, кој важи за еден од најважните полски современи поети, како и еден од најголемите живи поети воопшто. Автор е на дванаесет поетски збирки, три прозни книги и седум книги со есеи. Предава литература на Универзитетот во Чикаго.
Роден во Лемберг (Лавов во некогашниот СССР, а денес Украина), детството го минал во Краков, па заминал во егзил во Париз, а од 2002-та повторно живее во Краков. Но тој смета дека литературниот, поетскиот, творечкиот егзил е многу поинаков од оној со кој во денешно време се соочуваат илјадници безнадежни луѓе, кои по цена на животот заминуваат од Африка кон Европа преку Средоземно Море.

– Тие се безгласни, за разлика од поетите и творците кај кои живеењето надвор од татковината било одлука што им донела и инспирација, присутност, нивна препознатливост. Мојот егзил е индивидуален и не е типичен – јас никогаш не сум бил сиромав, ниту гладен! Во 1992-та заминав во Париз, кога во Полска навистина беше многу тешко. Но не заминав да бидам дисидент, туку поради тоа што се вљубив. Мојот случај како дисидент не беше сериозен, ако не се има предвид дека љубовта и онака е доволно трагична – раскажа Загајевски во една пригода за време на Поетскиот фестивал во Берлин.

Последниве години неколкупати е кандидат за Нобеловата награда. За суштината и целта на поезијата вели дека има недели, дури месеци, кога му се чини дека поезијата не му е потребна никому, сепак додава дека тоа не е баш така.

– Таа е малку присутна во масовната култура, иако целокупната поезија на светот е на Интернет. Од друга страна, бидејќи имам многу книжевни вечери, се случува некој да ми пријде и да ми каже дека ме чита, а некои дури тврдат дека мојата поезија им помага да живеат, што е многу утешно. Неодамна една жена ми рече: „Благодарение на вашата поезија почнав да ги слушам птиците“. Помислив колку е тоа прекрасно, за што сѐ служи поезијата – вели Загајевски за суштината на поезијата.

За приемот на неговото творештво во различни средини, тој вели дека има разлики.
– Најмалку читатели имав во Париз. Француската поезија има херметичка естетика и песните што ги пишувам, за француските поети се новинарство а не поезија. Во Тексас или во Чикаго многу добро ја примаат мојата поезија, некои сметаат и дека сум американски поет, иако во животот сум напишал само три песни на англиски. Во Краков, за среќа, имам читатели, но ми се чини дека во Полска не сум сосема модерен. Постојат млади поети и ново трагање, а јас дејствувам престаро – вели Загајевски.
Тој важи за еден од водечките гласови во современата светска литература и автор што ужива неподелен углед меѓу најрелевантните имиња во современата поезија и критика. Дел е од полската генерација од 1968-та или полскиот нов бран во литературата. Првпат стекнал слава во источноевропските книжевни кругови со своите критики кон полските поети од претходната генерација. Како член на книжевното движење наречено нов бран, тој тврди дека поезијата треба да ги опфаќа социјалните и политичките потреби на денешниот ден… Тој станува сè позагрижен за одредување мисија за поезијата, која ќе ја опфаќа политиката, но нема да ѝ служи. Адам Загајевски е веројатно најпознатото име во светот на поезијата од Полска, заедно со она на Часлав Милош, преведуван и објавуван на повеќе јазици и во значајни литературни списанија.


Мајмуни

Еден ден мајмуните дојдоа на власт.
Ставија златни прстени на прстите,
облекоа бели, иштиркани кошули,
вовлекуваа чад од мирисливите хавански цигари,
а стапалата ги заробија во црни лакирани чевли.
Не го забележавме тоа занесени
со други работи: некој го читаше Аристотел,
некој друг штотуку преживуваше голема љубов.
Говорите на владетелите станаа малку хаотични
и дури неразбирливи, но и онака никогаш
не ги слушавме внимателно, повеќе ја сакавме музиката.
Војните станаа уште подиви, затворите
смрдеа повеќе од порано.
Се чини дека на власт дојдоа мајмуните.