Автор купил 400 примероци од сопствена книга за да се најде на топ-листа

82

Според „Гардијан“, измамата ја потврдиле од фирмата „Ниелсен букскен“, која ја следи продажбата во издавачката индустрија, откако самиот Дејвсон во особено бизарен потег на сопствениот поткаст „Селф паблишинг шоу“ открил дека купил 400 примероци од својата книга, во вредност од 3.600 фунти

Марк Дејвсон купил 400 примероци од сопствената книга „Чистачот“ за да се искачи на топ-листата на „Сандеј тајмс“. Писателот по овој потег е исфрлен од листата на топ 10 бестселери на британскиот магазин.
Според „Гардијан“, измамата ја потврдиле од фирмата „Ниелсен букскен“, која ја следи продажбата во издавачката индустрија, откако самиот Дејвсон во особено бизарен потег на сопствениот поткаст „Селф паблишинг шоу“ открил дека купил 400 примероци од својата книга, во вредност од 3.600 фунти. Авторот контактирал со своите читатели во странство и ги прашувал дали би ја купиле книгата директно од него, па потоа купувал толку примероци за од тринаесеттото да се искачи на осмото место од листата.

Но обидот не му успеал, па „Сандеј тајмс“ го исфрлил од листата. Други писатели веднаш го искритикувале Дејвсон поради обид за измама на системот, но тој тврди дека немал таква намера.
– Да сум сакал да го изиграм системот, би купил 10.000 примероци, би седел на нив и би станал број еден. Не би зборувал за тоа ниту на популарниот поткаст – напишал Дејвсон на Твитер.
Неговиот издавач „Вилбек“ ја оправда неговата постапка, пишувајќи во соопштението за јавноста дека Дејвсон ги купил книгите за да може да ги дистрибуира на своите обожаватели низ дел од светот. Од „Вилбек“ посочуваат дека купените примероци од книгата, тимот на Марк во овој период им ги испраќа на читателите во САД, Австралија и во дел од Европа.