Авторски концерт на Дамјан Темков и Филип Иванов

741

Авторски концерт на Дамјан Темков и Филип Иванов, вечерва, во 20 часот, ќе се одржи во Музејот на градот Скопје. На концертот ќе настапат Марија Вршкова, Гонца Богоромова-Краповски, Анастасија Грговска, Владимир Костов, Мартин Димитров, Бојан Талески и Паскал Краповски.

Дамјан Темков (1981) припаѓа во групата афирмирани македонски композитори. Средното музичко училиште го завршува на отсекот по пијано, а во 2006 дипломира во класата на Гоце Коларовски (негов последен дипломец). Во 2012 магистрира во класата на Сони Петровски и во текот на образованието е добитник на повеќе државни награди по камерна музика, пијано и солфеж. Неговото творештво се состои од композиции за соло-инструменти, вокални, камерни и симфониски дела, најголемиот дел изведен од страна на македонски, но и странски соло-изведувачи и камерни ансамбли, меѓу кои: Ѓорѓи Цинциевски, Нинослав Димов, Дејв Вилсон, Гудачки квартет Гајдов, дуото „Гелебешеви“, дуото „Кировски“, гудачкиот квартет „Бревис“, дувачкиот квинтет „Сонорис“, Битолскиот камерен оркестар, триото „Арденца“ од Бугарија, ансамблот „Археус“ од Романија и др.

Филип Иванов (1992) почнува да учи пијано на седумгодишна возраст. Дипломира композиција на Факултетот за музичка уметност – Скопје, во класата на проф. Сони Петровски. Иванов е еден од најистакнатите композитори на младата генерација, чии дела се постојано присутни на македонската музичка сцена и во странство. Голем број негови композиции се наградени. Иако млад, опусот на овој композитор е доста богат, автор е на повеќе солистички, камерни и оркестарски дела. Неговиот стил на компонирање се заснова на принципите на апсолутната музика (слободна, целосна, независна, чиста инструментална музика без програма или програмски наслови).