Македонско оро во село Негочани, сега Ники

Димитри Литоксоу (1953) е еден од ретките грчки интелектуалци, кои имаа храброст, посебно во време на засилена националистичка пропаганда во Грција, да проговори за чувствителните грчки теми и проблеми. Тој повеќе години се занимава со проучување на малцинствата во Грција како и со односот на официјалната грчка политика спрема нив. Неколку години особено внимание му посвети на македонското прашање.

ГРЦИЈА И МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ (1)

Димитри Литоксоу


Фељтонов што од денеска почнува да го објавува „Нова Македонија“ е извадок од неговата книга „Малцинските прашања и националната свест во Грција (Недоречености на грчката историографија)”, која во Атина се печатеше во 1991 година благодарение на поддршката од радикалните студенти. Во книгата, како што вели авторот во предговорот кон второто издание (1992), е направен „обид за ненационалистичко и неидеологизирано доближување до едно значајно поглавје во историјата на оваа земја“, односно презентирано е „поинакво проблемско читање и интерпретација на настаните, различно од она на националната историографија, т.е. од митското идеолошко прикажување, кое, речиси, го заокружува и корпусот на грчката библиографија“.
Иако во текстот се сретнуваат некои непрецизности, го објавуваме поради интересните ставови и аргументи што ги нуди авторот за македонското прашање и за односот на Грција кон Македонците. Текстот од грчки на македонски јазик го преведе Емилија Мајсторова.

Значењето на националните малцинства на Балканот е сврзано со формирањето на современите национални држави. Во рамките на Византија и на Отоманската Империја постоеше еден вековен историски простор, на кој со векови егзистираа различни религии и секти, јазици и култури. Постоеше слободен проток на луѓе, идеи, капитал и трговија на еден простор, кој од почетокот на 20 век се најде распарчен на шест државни творби.
Национализмот како државна идеологија ја наметна логиката: една држава – еден доминантен народ – еден службен јазик.
Приближно мирољубивата коегзистенција на исламот и на православието што го карактеризираше периодот од 17 до 19 век, длабоко се расцепи. Црквите добиваат национален карактер. Опозицијата на христијанските народи во отоманските институции паралелно водеше кон побуна на националните клерови против хегемонијата на елинофонот Фанариј, кој го имаше благословот на Високата порта.
Загосподарувањето на елинизмот во битните сегменти на животот во империјата, во поморскиот сообраќај, во трговијата, во администрацијата и во духовниот живот, се претвори во еден пасивен сојузник на отоманскиот естаблишмент. Грчкиот национализам во европските епархии на империјата се разви како одбрана. Побуната на славомакедонските и на бугарските селани, исто така, се свртуваше против грчката патријаршија и грчката буржоазија во македонските градови.
Од друга страна, стратегијата на грчката држава се стремеше кон најголемо и најсилно проширување на север, пред затечената исцрпеност на империјата. Етничкиот состав во четирите европски вилаети на крајот се испречи како брана пред грчките планови. Националната свест на населението неминовно водеше кон оружените територијални претензии, не само од страна на султанот, туку и од страна на другите балкански наследници.
Пропагандните аргументи на елинизмот, главно за внатрешните потреби и за пред очите на европската дипломатија, беа: заедничка православна вера на жителите на северните епархии и постоење на грчкоправославните училишта директно потчинети на патријархот. За новите граници, кои беа повлечени по македонската борба, двете Балкански војни и Првата светска војна, се одлучуваше на голем број полиња и во кулоарите на европската дипломатија. Правото на народите на самоопределување постоеше само во декларациите на некои револуционерни дејци.

АГРЕСИЈАТА НА ГРЧКИОТ ШОВИНИЗАМ

Така, останаа компактни национални малцинства во сите земји што беа, по правило, потоа користени како средство за притисок во меѓудржавните односи, на полето на надворешната политика на различните влади. По задолжителната размена на муслиманското и на христијанското население меѓу Грција и Турција, и шизматичките бугаромани и Грците (грчко-бугарски договор во Неј) етнографската карта на грчкото кралство значајно се измени. И покрај тоа, во грчката држава останаа еден голем број Славомакедонци, Албанци муслимани, од Чамурија (кои беа изземени од размената и беа протерани по Втората светска војна како соработници со окупаторските сили), православните и многубројни романофони Куцовласи од Епиро-Тесалија и од Македонија, бугарофоните муслимани – Помаци и туркофоните муслимани во Тракија, Циганите номади и – главно концентрираните во Солун – Евреи.
Податоците на грчката статистичка служба за бројот на малцинствата по околии, објавени до 1951 година, што подоцна беа сметани за трајни, се невистини и исконструирани.
Компаративното проучување на пописните информации открива цела низа тешки фалсификувања (такво нешто се имаше случено со Албанците во Јужна Грција од 1879 година). Впрочем, обидот за менување на имињата на селата и на населбите во земјата јасно го покажува интензитетот на агресијата на грчкиот шовинизам, „освојувачкиот правец на елинизмот“, како што пишуваше К. Папаригокулос, насилничката постапка на погрчување и на уништување на секој поинаков, негрчки елемент.
На крајот, теориите што ги развија грчките режиски интелектуалци за потеклото и за свеста на малцинството, набљудувани денес критички и без предрасуди, потсетуваат на лошо измајсторирани примитивни конструкции, способни да ги убедат само лаиците и фанатиците.
Акумулираните лаги, апсурди, фалсификувањето сведоштва и историските искривувања го резултираа одговорот на грчкиот национализам на барањето на малцинствата за почитување на нивните традиции, јазикот и културата.

ЕДЕН ПОИНАКОВ ПРИОД КОН МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ

Македонското прашање претставуваше повеќе од еден век – па сѐ до крајот на 1950-тите – остар и нерешлив проблем за европските сили и за балканските држави, една посебна фаза на источното прашање. Дешифрираното читање на ова важно поглавје од поновата и современа историја на народите од регионот, на силните конфронтации меѓу спротивставените (што прераснаа дури во оружен судир: македонската борба, Балканските војни, окупацијата -партизанскиот отпор), овозможува пристап до идеолошки теми како што се градењето на националниот мит и формирањето на националната свест.
Проучувајќи го македонското прашање се среќаваме со две појдовни пречки. Првата е во врска со ограничувањето што ни го поставува националната идеологија, сопствената национална свест, при пристапот до проблемот. Националното сфаќање на нештата обично претставува лош советник. Лесно води кон шовинизам, произволни толкувања, прикривање на фактите извртување на настаните. Втората пречка се состои во непрепознавањето на вистината од невистината. Откривањето на фактите, нивното селектирање или отфрлање, честопати предизвикува посебни тешкотии.
Ако историјата на историските дела опфаќа дел од ИСТОРИЈАТА, тогаш патеките на враќањето на македонското прашање до мит во историјата минува низ просторот на грчката историографија. Историски настан не претставува само политичкото устројување, туку историскиот дуел или судирот на историчарите.
Македонското прашање, како тема на создавање на националната свест, т.е. како идеолошко прашање, постои од историски причини и според нив се преобличува. Грчкиот историчар, кој се занимава со македонското прашање, е аматер. Станува збор за „патриот“ политичар, свештеник дипломат, воено лице, новинар, учител, адвокат, лекар, кој пишува за да ја одбрани „националната кауза“. Во таквото мноштво на самоуки историографи, професионалниот историчар претставува исклучок од правилото. Последниов, методолошки вооружен, со пристап во архивскиот материјал, со познавање на балканската и на европската библиографија и академска поткрепа, создава посовршен труд. И покрај тоа, немоќен е да се оттргне од идеолошките врски со грчкиот национален мит. Неговиот провинциски дух го спречува да ја дофати целокупноста на проблемот во неговата балканска димензија.
Меѓутоа, има мошне голем број официјални документи, писма и дневници што херметички запечатени во некои архиви никогаш нема да излезат на видело. Публикувањето историски мемоари грчките протагонисти го прават откако ќе бидат издадени мемоарите на нивните противници од соседството. Грчкиот одговор на делата на – „владејачките личности од непријателскиот табор“ главно има еден одбранбено апологетски карактер. Меѓутоа, едно повнимателно читање на малкуте објавени оригинални грчки текстови, сепак, ги прикажува, иако на посреден начин „црните“ дамки на елинизмот во неговата борба за доминација врз Македонија.

(Продолжува)