ОД НОВИНАРСКИОТ БЕЛЕЖНИК: ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО (8)

Среќен сум што сум современик со академикот Радован Павловски, македонски поет, есеист, патописец, колумнист и публицист, најпреведуван и најнаградуван македонски поет. Пријателството започна на 29 мај 1971 година, тогаш се запознавме и дружењето трае половина век. Средбата беше случајна. Заедно во џип патувавме за Бигорскиот манастир. Раде, поетска ѕвезда, живееше во Загреб, беше дојден како гостин да учествува на неколкудневните манифестации во Гостивар и во Бигoрскиот манастир, по покана од „Бигорските културно-научни собири“. Нашето пријателство и дружење додека живееше во Загреб и во Белград беа со прекини, а од 1985 година, кога се врати во Скопје, се во континуитет. Средбите и разговорите ни траат по неколку часа во Скопје, Железна Река, Гостивар и околината, секогаш интересни, не здодевни. Раде е оригинален и со метафора ги камшикува властодршците, кои ги ништат државата и народот, како домашните и светските политичари, а не сака да се занимава со политика, не случајно е наречен принц на метафората. Многупати ќе рече дека поетите го имаат најсилното оружје, песната, со која ќе ги победат неправдите во Македонија и во светот.

Во чест на високите светски признанија што ги доби Раде, „Човек на годината за 1997 година“ од Американскиот биографски институт од Северна Каролина – САД, Светското признание за животно дело во 1998 година и Меѓународна личност за 1997 и за 1998 година, за врвни достигнувања во 20 век, кои му ги додели интернационалниот биографски центар „Кембриџ“ од Англија, беше испочитуван од своите сограѓани. Гостиварци, почитувачи на неговата поезија и личност, организираа мултимедијална вечер „Гостиварци за Раде“. На поетската вечер за паметење, која не се заборава, се потсетувам и во оваа пригода. Раде рецитираше, говореше, а мислите што ги изнесе во беседата се актуелни и денес: „Светот без нас не е цел. Ние сме предодредени да се дружиме со песната на македонскиот народ. Книгата е вечна, а страдањата се тие што нѐ одржувале и одбраниле да опстојуваме како посебен народ, со сопствениот македонски јазик, македонски идентитет, култура…“.
Во 1990 година, на Илинден, во Железна Река, во присуство на Васил Тупурковски, тогашен член на Претседателството на СФРЈ, пред многу народ, поетот го објави Манифестот на Поетска Република Железна Река, единствена во светот, истакнувајќи: „Сѐ може да се менува на планетата Земја, а таа останува непроменета, цела“.
Пред големиот Илинден, пред одбележувањето на 100 години од македонската државност, Илинденското востание, Крушевската Република, 100 години од излегувањето на книгата „За Македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, во срцето на Железна Река, наспроти селската чешма, инспириран од претстојниот празник, поетот во еден здив со восхит ни зборуваше: „Планините се штит на Железна Река. Нема поголем штит на поезијата и на мојот живот од Железна Река. И јас, и Железна Река, и планините, зборуваме многу јасно, со чисто срце и со чист дух и со чиста светлина во очите, за нашиот духовен, а не материјален штит. Јас како Раде или Радован, и како дете и во зрели години, никогаш не сум ја прекинал и не можам да ја прекинам врската со својот народ и никој не е поголем од македонскиот народ и Илинден“.

Многу анегдоти од бурниот живот ми раскажуваше поетот. Веста за катастрофалниот скопски земјотрес (на 26 јули 1963 година) ја слушнал утрото во воената касарна на Дедиње, Белград, каде што како Титов гардист го служел воениот рок во ЈНА. Со првиот воз тргнал за Скопје, да ја посети куќата во Дебар Маало, каде што живеел под кирија. Куќата разурната, неговата соба затрупана со тули и малтер, успеал да влезе низ урнатините и бил среќен кога го пронашол куферот во кој го оставил своето поетско творештво.
Над триесетина пати, во сите годишни времиња, со поетот крстосувавме низ Железна Река, најопеаното село (со шест маала и две меѓумаала, оддалечени меѓу себе од 500 до 1.000 метри, со десет цркви, седум гробишта и остатоци на римски гробишта), долината на реката Железна, на планината Добра Вода и истоимениот врв, висок 2.062 метри надморска височина и со простор од 396 квадратни километри. Поводот да ги посетиме и да ги фотографираме објектите, долините и планините, реката, рудникот итн., е монографијата за Железна Река што ја подготвува Раде. За таа цел изврши генетско истражување на сите елементи на материјално, антрополошко, морфолошко, флора, фауна, јазик, за традицијата, културата, фолклорот, за да ги демистифицира погрешните податоци од погрешното време и луѓе за македонските антички предели меѓу морињата, реките, езерата од минатото и современото. Според добиените резултати од истражувањата на поетот, Железна Река претставува област на етнички чист македонски ранохристијански регион. Исконска, македонска цивилизациска единка на Европа. Нејзиниот атар се простира на 226,2 квадратни километри.
Секоја педа, секое камче, дворче, дрвце, поетот го потсетуваат на детството и младоста, го фотографирам училиштето, на вратата голем катанец. Запуштено. Жал ми е што е затворено, што го нема џагорот на учениците, тоа потврдува дека Железна Река постепено умира, живеат само стари луѓе, а таму каде што нема деца, нема ни иднина! „Во него учев заедно со 154 деца, тука се описменивме, ја завршивме осмолетката, на половината од нив другарот Тито им беше кум (тогашен претседател на заедничката држава СФРЈ), а детскиот додаток бил поголем од месечната плата. Тоа беше периодот пред државата да ги сотре овците и козите“.

Многу доживувања имавме од патешествијата. Кога се искачивме на врвот на истоимената планина Добра Вода (2.062 метри надморска височина), на дланка ги гледавме Шар Планина, Сува Гора, Буковиќ… Раде, како искусен географ, ни ги претстави планините и врвовите, долините, селата, со сė што ни беше на видик. Дружината во состав Видоја Зафировски, директор на сточарската задруга „Габрово“ од горнореканското село Нистрово, Цане Ѓурчиновски, железноречанец, агроном, вработен во Центарот за пасишта, „шерпас“ највозрасен меѓу нас, железноречанец и водич. Откако одморивме на камењарникот на врвот на Добра Вода, од шестчасовното пешачење низ планинските беспаќе, Раде ни вели: „На овој предел, на крајот на педесеттите години на минатиот век, напишав прекрасна песна, ја скрив под камењата, дојде време да ја пронајдам“.
Се распоредивме во стрелци, почнавме камен по камен да ги поместуваме од местото, така повеќе од еден час ја баравме песната, која, за жал, не ја најдовме, остана вечно во камењата. Задачата ја имавме сериозно сфатено како да бараме рудник со злато! Поетот остро вели: „За мене листот со песната оставен под камењата е повредна и од златото“. Поетот тагуваше. По неколку минути се расположи: „Не грижете се, песната ја знам напамет, вечерва ќе ја ставам на хартија, а од потрагата не се откажувам, ќе организирам повторно барање со поголема група“.
Го напуштаме врвот. Влегуваме во зоната на шумата, среќаваме неколкумина железноречанци, лаф-муабет со нив. Поетот открива дека се нема качено на коњ, а немал задоволството да јава поради презафатеност, можеби и од немукает. Неговите соселани му ја исполнија желбата, поетот го качија на коњ.
Од големиот број мои фотографии портрет на Раде, неговата покојна сопруга Јулијана Поповска и тој одбраа неколку за корицата на книгата „Јавач на звукот“ (1995 г.) и за „Синот на сонцето“ (1999 година), што за мене претставуваше големо задоволство и признание.
„Секогаш кога навраќам во Железна Река, го потврдувам мојот идентитет, Железна Река не е река на заборав – таа е бурна небесна река во прозаични облици, исконски со водата… Железна Река е повеќе од мојот живот. Железна Река е првата притока на Вардар, извира на над 1.800 метри. Железна Река е поделена на три дела: река, железо, народ. Станува збор за семејна заедница. Едно без друго не може, заедно составуваат една целина, едно во друго. Во Железна Река доаѓам со голем творечки набој, духовен, со човечка топлина, која нормално му е потребна на ова време. Колку повеќе се оддалечувам од Железна Река, толку сум поблизок до неа“, вели поетот.
Пандемијата ни ги пролонгира заедничките планови. Неколку години пред тоа се најдовме на договорената средба во МАНУ, Раде ми предложи разговорот да го водиме во меана, во близина на академијата. Од кожената чанта го извади неговото полициско досие, почна да го чита, одвреме-навреме ќе застанеше да појасни одделно за секој настан, за колегите што го кодошеле кај инспекторите на УДБ-а, од средбите со поетот Венко Марковски. Четири часа и повеќе сталожено читаше, на моменти го повишуваше тонот на гласот…, подзастануваше, се чудеше: „Дали и тој… што ми се правеше пријател, ме следел и разговорите што ги водев со колегите и пријателите во скопските меани веќе следниот ден биле пренесени во УДБА. Многумина од тие што ме шпионираа добија многу од државата“, констатира Раде и додаде: „Им печатеа книги, собрани дела, добиваа хонорари во дебели пликови, правеа кариера на работните места, лесно и без пот патуваа низ светот, за награда добиваа амбасадорско место, директор на јавно претпријатие, на институција, главен и одговорен уредник и слично“.

Интересно досие, во кое имаше и делови од неговиот престој во Загреб и во Белград. „Задоволен сум што како Македонец ги издржав сите притисоци, не потклекнав, ми нудеа пари, награди и други привилегии, за да бидам ‘нивен’“, разочарано ми говореше поетот. На крајот се договоривме на новата средба да направам интервју. Пред некој ден, во подолг телефонски разговор, се договоривме кога ќе минат тропските горештини да ги размените нашите нови книги, да направиме селекција од илјадниците фотографии за монографијата и да објавиме делови од полициското досие, кое содржи неколку стотини страници.
Радован Павловски е задоволен на одлуката на ДПМ, која минатата година му ја додели „Повелбата Блаже Конески“, која се доделува за врвни творечки остварувања од парадигма карактер што оставиле трајни белези во развојните процеси на македонската литература и што имаат значајни проблесоци во литературните и културни центри во Европа и во светот. Поради пандемијата, доделувањето беше одложено за годинава. Како што ми рече поетот, Повелбата ќе му биде врачена во септември, во Небрегово, родното место на Конески. Прв добитник беше Матеја Матевски, во 2015 година.