Монтре, Швајцарија

Кој и зошто сакал предвремено да го „пензионира“ тогашниот шеф на државата Киро Глигоров, какви заканувачки пораки биле испраќани до него и до тогашниот претседател на парламентот Стојан Андов, во периодот пред атентатот, дали се местеле сообраќајни несреќи, имало ли навистина обид за киднапирање на новородениот внук на Андов, кој ја сервисирал линијата Белград – Атина… Тоа се само некои од прашањата што во својата најнова книга „До атентатот и по него“ ги загатнува Стојан Андов. „Нова Македонија“, во десет продолженија, им ги претставува на своите читатели најинтересните извадоци од книгата. Промоцијата на книгата, заедно со другите девет тома на избраните дела на Андов, во издание на „Матица македонска“, ќе се случи на 30 ноември, во 18 часот, во Кинотеката.

СТОЈАН АНДОВ, ДО АТЕНТАТОТ И ПО НЕГО (1)

Беше тоа крајот на февруари или почетокот на март. Лозјата беа сосема оголени, ама сепак можеше да се види дека кон нив некој се однесува многу грижливо и одговорно. Не ми беше многу јасна идејата на Владо за овој ручек и затоа малку зборував. Упаѓав само кога ќе ме прашаше нешто или кога ќе ми паднеше в очи нешто особено.Монтре е монденско место на Женевско Езеро, познато по многу настани од забавата и културата. Но познато е и по своите извонредни вина. Тоа е блиску пред Лозана, можеби 20-30 километри, а 50-60 километри од Женева. Брзо забележав дека Владо којзнае колку пати доаѓал во Монтре. Таа мисла ми падна кога го видов како се протна во некои потесни улички излегувајќи надвор од градот и по 5-6 минути возење по некој спореден пат, покрај кој од двете страни имаше многу убаво средени лозја. Бидејќи потекнувам од лозарски крај, начинот на средувањето на лозјата ме потсети на некои ридести предели во Кавадаречко. Лозјата покрај Монтре беа фактички на ридест терен, над населбата и покрај неа. Отидовме и се сместивме во еден ресторан, релативно мал. Ресторанот беше во еден отклон од патот, на дваесетина метри, со свој паркинг. Наоколу беа само лозја, а зад ресторанот беше поголема просторија – подрум. Мал приватен подрум, кој произведува вина за неколку такви ресторани.

Ресторанот во кој влеговме беше рустикално уреден, без какви било елементи на модерност. Салата беше добро загреана. Се сместивме на една маса покрај ѕидот од делкан камен, на кој висеа ловечки трофеи и слики од славни луѓе, а во ловечки униформи. За чудо, ние бевме први гости. Изгледа луѓето нешто подоцна излегуваат таму. Некое неразбирливо чувство ме предупредуваше дека на овој излет треба да бидам внимателен. Владо прво почна да ми зборува за својот живот. Разбрав дека тој бил роден во Гевгелија, а неговите се преселиле, или така нешто, во Велес, каде што учел средно училиште. Рече дека политички заглавил некаде во 50-тите години, кои беа многу тешки во Македонија. Бил малтретиран од властите, а првпат кога му се дала можност – избегал и дошол во Швајцарија, каде што и останал.

Владо внимателно и бавно си ја кажуваше својата прикаска, со што ми даде до знаење дека ние подолго ќе поседиме на овој ручек. Ми објасни како дошол до идејата за бизнисот што сега го тера. Не запаметив сѐ добро, но сфатив дека тој работел различни работи во Швајцарија и откако се осамостоил, по совет од некој пријател, се поврзал со некои пакистански текстилни фабрики. Од нив добивал памучно платно од различен квалитет и за различни намени и во Швајцарија го претворал во готов производ. На тој начин почнал многу да заработува, бизнисот му одел добро. Секоја операција што треба да биде завршена од работната сила, ако можел да ја префрли да се извршува во Пакистан ја префрлал, затоа што работната рака во Швајцарија била многу поскапа од онаа во Пакистан. Рече дека постепено станал сопственик или, пак, учесник во сопственоста на четири текстилни фабрики во Пакистан.

Владо како да не ме слушна што реков, продолжи: „Знаеш ли ти, ако министерот Фрчкоски сакал да те убие – ќе те убиел?“ По овие зборови на Владо, кои навистина не ги очекував, добив впечаток дека тој ми пренесува некоја порака

Откога ми ги изнесе тие општи податоци, иако јас не барав ништо, тој почна да ми ги раскажува маките низ кои минал во младоста. Тој период на Југославија кога работела УДБ-а, бил лош за оние млади луѓе што потекнувале од нешто побогато семејство. Само затоа што не биле „пролетери“, тие биле сомнителни. До некаде замаглено, ама сепак ми даде до знаење дека претрпувал шлаканици, боксови и клоци. Не ми кажа како избегал од Југославија и не ми кажа точен датум кога го сторил тоа. По изглед ми оставаше впечаток дека е 6-7 години постар од мене. Си мислев, може и комплексите од младоста и фрапантниот успех во бизнисот му ја родиле потребата да ме импресионира мене, со кого никогаш не се запознал од раководството на Републиката. За цело време на разговорот Владо пиеше, првин виски, а со ручекот и по него и вино.

Јас виски не пиев, а виното само го пробав. Сум се наоѓал повеќепати во животот во необични ситуации, кога мојата воздржаност и внимателност многу ми помогнале. Ни поминаа така, во ручек и пиење, речиси два часа. Алкохолот му го одврза јазикот на Владо. Во еден момент се загледа во мене и доста нападно ми рече: „А, бре, ти, знаеш ли оти јас и татко му на министерот Фрчкоски сме биле како браќа?“ Му реков дека не го знам тоа, а и дека не го знам татко му на Фрчкоски. Но мирно му реков дека такви работи се случуваат. Разни ситуации ги зближуваат луѓето, дури и ако претходно не се познавале, почнуваат да се однесуваат како да се браќа. Владо молчеше и се однесуваше како ништо да не сум рекол, а кога јас престанав, тој продолжи: „А ти што имаш против министерот Фрчкоски, зошто го мразиш?“ Гледајќи го така в очи, мирно му реков оти јас не го мразам ниту Фрчкоски ниту некој друг.

Не знам од каде му е нему идејата дека јас го мразам Фрчкоски. „Ама, рече Владо, си зборувал дека Фрчкоски сакал да те убие.“ Му реков дека не сум зборувал така, туку сум зборувал дека кога ја доживеав сообраќајната несреќа, во која само случајно останав жив, нашата полиција не поведе истрага, а имаше околности што укажуваа на тоа дека се работи за местенка. Владо како да не ме слушна што реков, продолжи: „Знаеш ли ти, рече, ако министерот Фрчкоски сакал да те убие – ќе те убиел?“
По овие зборови на Владо, кои навистина не ги очекував, добив впечаток дека тој ми пренесува некоја порака. Тоа што бил близок другар со татко му на министерот не е доволна околност тој вака да настапи во овој наш разговор. Од тонот на неговиот говор почувствував дека тој сака да ме заплаши, затоа си реков дека треба да најдам начин како да ја смирам ситуацијата во овој разговор.

Уште еднаш на Владо му кажав дека никого не мразам, па не го мразам ни Фрчкоски. Што се однесува до Фрчкоски, му реков дека кога дојде предлогот на Кљусев, Фрчкоски да биде избран за министер за внатрешни работи, околу 10 јануари 1992 година, 20 дена по загинувањето на дотогашниот министер Јордан Мијалков, во врска со гласањето во Собранието, јас малку му помогнав. Му кажав дека расправата ме загрижи, дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ многу го напаѓаа, а од пратениците на СДСМ и другите партии не дојде некоја јасно видлива одбрана. Добив впечаток дека предлогот нема да биде прифатен. Искрено си мислев, ако овој пат не избереме министер на таква важна функција, може да се растегне работата и да ризикуваме ресорот подолго време фактички да остане без раководител.

Загрижен од текот на расправата, кога го заклучив претресот пред да ги повикам пратениците да гласаат, дискретно ги замолив потпретседателите на Собранието што седеа со мене наспроти пратениците како и јас со нив, откако ќе го поставам прашањето кој е „за“, сите ние веднаш да дигнеме рака. Мислев дека тоа може да помогне предлогот да помине во Собранието. Токму така се случи – Фрчкоски беше избран за министер за внатрешни работи со 61 глас. Само јас или некој од Претседателството на Собранието да не гласавме „за“, предлогот ќе пропаднеше и тој немаше да биде министер. Му реков дека Фрчкоски добро го знае тоа, иако сум свесен дека млад, амбициозен човек кога ќе доживее таков значаен неизбор, тоа ќе го прими како удар, кој ќе создаде некоја горчина кај него. Но мислев дека ќе памети и како се спаси тој предлог и како тој беше избран за министер. Завршив со зборовите до Владо дека тоа се доволно факти за да не морам натаму да ти појаснувам дека немам ништо против министерот Фрчкоски.

Инаку, свесен сум дека Фрчкоски како министер за внатрешни работи може да ме убие, како што може да убие кого било; може да го убие дури и претседателот на Републиката, Киро Глигоров. Тоа може да го стори особено ако е убеден дека нема да има последици за него. Му реков на Владо дека околу такви хипотетични можности не размислувам и не се грижам заради нив. Едноставно, му реков, внимавам на моето однесување. Никого не сакам да го навредам или да го иритирам така што ќе почувствува гнев и бес кон мене. Тоа го правам со внимание.

А тој ме праша: „Задоволен ли си од обезбедувањето, носиш ли со себе секогаш оружје за секој случај?“ Му реков дека секоја помисла на убиство на кого било ми е туѓа и одвратна. Тоа чувство кај мене е толку силно, што и ловот го сметам за убиство.

Му кажав дека додека бев во Белград на работа, а таму останав 11 години како сојузен министер, седум години ја водев економската соработка на Југославија со земјите во развој. Му реков дека, за несреќа, кога ја презедов таа функција, не беа многу добри односите на Југославија со Пакистан и можеби затоа не ги знам ни неговото искуство ни неговата позиција во Пакистан. Настрана тоа, му реков дека во тие седум години поради мојата соработка со многу земји што имаа амбасади во Белград, на годишното отворање на ловната сезона секој октомври меѓу поканетите лица да учествуваат во ловот добивав и јас покана од кабинетот на Јосип Броз-Тито, тогашен претседател на државата. Кога трипати едноподруго не отидов на лов, една моја колешка-членка на Сојузната влада, Мара Радиќ, ми рече дека ја распрашувале од Кабинетот на претседателот дали знае зошто јас не одам на лов.

(продолжува)