Нова бугарска политичка линија за македонското прашање (3)

„Нова Македонија“ во неколку продолженија донесува извадоци од книгата „Македонското прашање од 1994 до денес – комунизмот и национализмот на Балканот“ од Чавдар Маринов. Маринов е доктор по историја и цивилизации, Бугарин, научен соработник на француската школа во Атина. Книгата на македонски јазик е издадена од фондацијата „Отворено општество“. Во неа бугарскиот историчар ја опишува бугарската политика по македонското прашање во комунистичкиот период и неколку години потоа. Весникот во четири продолженија ќе го презентира делот во кој Маринов посебно пишува за прашањата за јазикот, за децениската борба на бугарската лингвистика и политика во неуспешното докажување дека македонскиот јазик е бугарски дијалект. Неговите вистини наидуваат на отпор во бугарската политика и публицистика, а од многумина е прогласен за бугарски предавник
(Насловите и меѓунасловите се редакциски)

Патриотската зовриеност ја затворила бугарската лингвистика во еден посебен свет. Истражувачите од Софија не успеале, во однос на македонскиот вернакуларен јазик, да добијат поддршка од другите лингвисти, без разлика дали се од „социјалистичкиот камп“ или од „капиталистичкиот“. Дури ни советските браќа не ја прифатиле нивната гледна точка

Во 1968 г., бугарската дијалектологија била одново напишана. Таа повеќе не предвидувала дека „македонските говори“ можеле да се развијат во посебен јазик. Ова начело било судбоносно потврдено од нов скандал. Повторно во 1968 г., се појавила „Кратка споредбена и типолошка историска граматика на словенските јазици“ од Иван Леков – раководител на Катедрата за словенска лингвистика на Софискиот универзитет и на одделението што го носи тоа име во рамките на Институтот за бугарски јазик. Важноста на оваа монографија е без конкуренција за славистиката во Бугарија. Но таа не допрела до многу луѓе. На денот на нејзиното појавување во книжарниците таа била конфискувана и повлечена од продажба. Споредувајќи ги фонолошките, морфолошките и други феномени на словенските јазици, како и нивните историски развојни процеси, Леков го спомнува „македонскиот јазик“.

Во реалност, неговите формулации биле многу внимателни.
Тој се повикувал на „новиот македонски јазик“ и на „новопојавениот македонски литературен јазик“, го претставувал типичниот развој на „бугарски со македонски“, го употребувал терминот „бугарско-македонски“. Накратко, ништо во текстот не укажува на постоење на посебен историски континуитет на македонскиот. Сепак, делумно потврденото признавање современа стандардизирана норма било доволно да ја обезбеди немилоста на „доајенот“ на бугарската славистика и, уште повеќе, верен марксистленинист. Во текот на повлекувањето на книгата, директорот на Академијата на науки Ангел Балевски, инженер, но ревносен аматер на националната историја – го обврзал директорот на Здружениот центар за бугарски јазик и литература, Владимир Георгиев, да го исклучи Леков од делегацијата за Прага. Тој бил жестоко критикуван за „непатриотско однесување“ од Президиумот на БАН. За време на следниот Конгрес за славистика во 1973 г., во Варшава, Леков бил исклучен од членството на Меѓународниот комитет на слависти, каде што тој го држел местото на потпретседател. Ова се случило по иницијатива на бугарската делегација, без да биде предупреден научникот.

Пропаднати обидите за негирање

Во меѓувреме, кавгите меѓу бугарските и македонските специјалисти се намножиле. Од бугарска страна, Валентин Станков се нафрлил врз еден текст на Блаже Конески, кој го изразува посебниот историски развој на македонскиот јазик. Во 1969 г., еден друг бугарски дијалектолог, Јордан Иванов – го обвинувал својот колега од Скопје Божидар Видоески дека „без никаква лингвистичка или социоисториска основа“ ги распространил изоглосите на „македонскиот јазик“ на територијата на Бугарија, особено на територијата на Пирин. Но, во реалност, бугарските лингвисти дејствувале на ист начин.

Во 1969 г., по резолуцијата на Политбирото на ЦК на БКП, која се однесувала на „идниот развој на бугаристиката во странство“, територијата на „географска Македонија“ и југозападните српски дијалекти влегле во Бугарскиот дијалектен атлас, кој бил во подготовка. Бидејќи објавувањето на неговиот трет том доцнело, тој бил престигнат од еден друг атлас на „бугарски дијалекти“ во Егејска Македонија, издаден во 1972 г., Така, географските претстави, промовирани од бугарските дијалектолози, решително ги надминуваат територијалните рамки на бугарската држава. Дијалектологијата на Стојков, повторно објавена во 1968-та, останува затворена во рамките на актуелната бугарска територија.

Но тоа воопшто не е случај со монографијата на Јордан Иванов, објавена десет години подоцна. Откако го оживеале духот на „голема Бугарија“ специјалистите од Софија постепено се судриле со еден поголем проблем: „недостиг од разбирање“ од нивните странски колеги. Во овој период, и бугарски јазик истовремено собирал дијалектолошки податоци за два важни меѓународни проекта: Пансловенски лингвистички атлас и Панкарпатски дијалектолошки атлас, почнати во 1958 г. и во 1973 г., од страна на Меѓународниот комитет на слависти и од Советската академија на науки. Во 1982 г., научниците од институтот се повлекле од двата проекта. Учеството во овие иницијативи на македонски специјалисти како Божидар Видоески го блокирало бугарското учество. Значи, Бугарија во двата атласа фигурира како бела дамка. Третирањето на словенските дијалекти од Македонија како „македонски“, постепено прифатено од (источно)европските научници, несомнено било причина поради која Балканскиот лингвистички атлас, инициран од Ромската академија на науките, пропаднал, како последица од откажувањето на Институтот за бугарски јазик.

Здружена битка на лингвистите и на историчарите

Покрај „припадноста“ на дијалектите, уште една работа претставувала предмет на спор меѓу бугарските и македонските лингвисти: историското минато на словенскиот говорен јазик од Македонија. Филолошката проблематика неизбежно била заплеткана со онаа за националната историја. Поради тоа, во југословенска Македонија, филолозите често се изјаснувале за историски прашања: таков бил, на пример, случајот со Конески. Во Бугарија, соработката меѓу лингвистите и историчарите била инспирирана и охрабрена од раководството на државата и на партијата.

Во текот на Пленумот од март 1963 г., Живков ја воспоставил врската меѓу полето на јазикот и онаа на историјата. Шефот на партијата тврдел дека „бугарскиот“ говор од Македонија бил користен од Кирил и Методиј, создавачите на словенската азбука. Со ова тврдење, тој ги поттикнал бугарските специјалисти од различни научни области да ја напаѓаат „србизацијата“ на јазикот во Македонија. Наговарањето било повлечено во 1967-1968, преку резолуција на Политбирото на ЦК на БКП, која се однесувала на македонското прашање и директивите за оваа тема од секретаријатот. Тие ја обврзувале Академијата на науките да ги координира истражувањата на историчарите и на лингвистите во поглед на изработка на една кохерентна тема за „историјата, културата и јазикот на Македонија“.

Во борбите за националната кауза, лингвистите доброволно им се придружувале на историчарите: на пример, при контроверзијата во Прага во 1968 г., бугарските учесници Емил Георгиев, Владимир Георгиев и Благој Шклифов ги напаѓале толкувањата на нивните македонски колеги Блаже Конески, Крум Тошев, Тодор Димитровски и Божидар Видоески. Соперниците се расправале за голем број историски личности: Јоаким Крчовски, Кузман Шапкарев, Крсте Мисирков, дури и за средновековниот цар Јован Владислав, инаку евоциран од лингвистот Емил Георгиев.
Постепено, Институтот за бугарски јазик бил опфатен од духот на ревизионизмот: се вршело повторно објавување на лингвистички дела од почетокот на 20 век, а особено меѓу двете светски војни, инаку претходно сметани за „шовинистички“. Колекциите на „непристрасни“ мислења на странски лингвисти што се однесуваат на Македонија, исто така, сочинувале класичен пропагандистички метод потврден, на пример, со зборникот „Странски научници во врска со југозападните бугарски говори“. Како што покажува последниот наслов, во 70-тите и 80-тите години на 20 век, „македонските дијалекти“ исчезнуваат од терминологијата употребувана во Софија.

Меѓутоа, патриотската зовриеност ја затворила бугарската лингвистика во еден посебен свет. Истражувачите од Софија не успеале, во однос на македонскиот вернакуларен јазик, да добијат поддршка од другите лингвисти, без разлика дали се од „социјалистичкиот камп“ или од „капиталистичкиот“. Дури ни советските браќа не ја прифатиле нивната гледна точка: во рамките на Московскиот универзитет (МГУ) постои курс по македонски јазик, основан од Бернштајн и раководен од поранешната бугаристка Рина Усикова. Во секој руски универзитетски учебник наоѓаме статии посветени на „македонскиот јазик“.

(продолжува)