Мијачијата и Долна Река – македонска Света Гора

ОД НОВИНАРСКИОТ БЕЛЕЖНИК: ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО (10)

Убава е реката Радика, со чиста и бистра вода со зеленкаста боја по целата долина, сѐ до вливот во Дебарско Езеро, опкружена со планините Бистра, Кораб и Дешат, со бујна вегетација. Низ нив течат реки, потоци, водопади – водите се влеваат во неа и го зголемуваат текот. Ако деновиве возите крај Радика, одвреме-навреме сте принудени да застанете, бидејќи на неколку делници на регионалниот пат Маврови Анови – Жировница се врши реконструкција и сообраќајот наизменично се одвива по една коловозна лента. Тоа е можност да уживате во дарот на природата.
За Долнореканскиот и Мијачкиот Регион е значајно и тоа што низ вековите мијачки неимари, зографи, копаничари граделе цркви и манастири, некои од нив монументални, кои се со непроценлива уметничка вредност и се дел од богатото културно-историско наследство на Македонија. Прекрасната традиционална мијачка архитектура на објектите ги дополнува природните убавини и ја збогатува привлечноста. Овој процес речиси целосно бил прекинат за време на комунистичкиот период, од извојуваната победа и ослободувањето од фашистичкиот окупатор (1941 – 1945 година), па до почетокот на 90-тите години на минатиот век. На комунистите и на членовите на нивните семејства им беше забрането да влегуваат во црквите и манастирите и да ги празнуваат верските празници, а некои од нив беа прогласени за споменици на културата. Бигорскиот манастир меѓу првите манaстири беше прогласен за споменик за културата, на влезот беше поставена табла, но законодавецот не обезбеди средства за одржување и за заштита, па беше оставен сам на себе да се бори со негрижата на општеството. Поради негрижата, од забот на времето почна да пропаѓа, а прашање на времето беше кога ќе исчезне, кога сѐ ќе се претвори во урнатини од греди, тули, камени плочи и слично.

За првпат како новинар, Бигорскиот манастир го посетив на 29 мај 1971 година, со задача да известувам од културната манифестација „Поетско пладне“, која се одржа на манастирскиот чардак на Горни палат, со настап на роднокрајните поети Анте Поповски, Радован Павловски, Матеја Матевски, Симон Дракул, Тодор Чаловски, Саме Жерновски и други. Присуствуваа стотина жители на долнореканските села и гости од Гостивар, Скопје, Дебар, Кичево и Тетово.
Жална беше сликата на чардакот. Подот оштетен, на многу места штиците искршени, како и дел од дрвената ограда, прозорците без стакло, насекаде прашина и пајажина, глувци стаорци си шетаа, на ќошињата гнезда на птици, нивниот измет распослан на подот… Поради негрижа на државата пропаѓа ова ремек-дело на архитектурата, копаничарството и фрескосликарството што низ вековите ги создавале уметничките творци, монасите и жителите на овој крај. Присутните тивко мрмореа за тоа што го гледаа, никој гласно не се обиде да критикува и да ја осуди негрижата на надлежните. Низ годините ништо не се менуваше, состојбите стануваа сѐ поочајни. Доаѓав на патрониот празник на Бигорскиот манастир, 11 септември (само на овој ден беше дозволено да има богослужба). Многу народ доаѓаше на поклонение на Свети Јован. Манастирската црква ја посетуваа домашни и туристи од странство, кои со љубов и внимание го разгледуваа величествениот иконостас, единствен по големина и убавина, изработен од оревово дрво, со длаборез на пет нивоа. Американски бизнисмен беше подготвен да плати колку што ќе побара власта, а германски бизнисмен вредноста да ја плати со злато, и тоа колку килограми тежи иконостасот, толку килограми злато ќе даде. Имаше понуда од домашни стопанственици бигорските конаци да ги претворат во хотел со ресторан и во тие рамки да функционира казино. Власта без размислување ги одби сите понуди, тоа беше најдоброто што го направи, со што ова неколкувековно македонско православно духовно светилиште се зачува!
На почетокот на деведесеттите години на минатиот век, новата плуралистичка и демократска власт во Македонија донесе Закон за денационализација, со кој национализираните имоти (манастири, цркви, дворни места, обработливо и друго земјиште, шуми и гори) му ги врати на сопственикот, на МПЦ.

Од она што го видов во Бигорскиот манастир на 2 мај 1995 година, доживеав уште едно разочарување, сликата непроменета, пред нашите очи манастирот пропаѓа, многу пријатели, колеги и луѓе што ги сретнав ми рекоа да го запознаам митрополитот г. Тимотеј, надлежен за манастирот. Не поминаа неколку дена, на 6 мај, на славата на Св. Ѓорѓија, во дебарското село Рајчица, на владиката му ги пренесов реагирањата на верниците. „Кипро, брзо ќе биде решен проблемот, сѐ знам, работам на проблемот, почекај за некој месец, ќе донесам монах, ќе бидете задоволни, верувам дека Бигорскиот манастир ќе го прероди, ќе го стави во функција, за што е граден“.
„Во јули 1995 година, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, г. Тимотеј, телефонски го повикал идниот бигорски игумен и, знаејќи ја неговата желба за монашки живот, за ново обиталиште му го понудил Бигорскиот манастир на чесниот претеча и крстител господов Јован. Тогаш во главата на Зоран Фиданоски одекнале пророчките зборови на Старец Паисиј, што светиот му ги имал кажано две години претходно: ‘Ќе дојде време кога по телефон ќе те повикаат, за да ти дадат еден голем манастир’. Уште следниот ден, митрополитот со своето возило го однел новиот наследник на бигорската обител во неговиот нов дом, поставувајќи го за нејзин старешина. Пред манастирската порта, пред самиот влез во манастирот, владиката му дал еден свој подрасник, од почетокот манастирскиот праг да го премине во монашка облека…“ забележано е во книгата „Партениј“, подготвена од братството на свештената бигорска обител.
Манастирот целосно запуштен, исклучен од напојувањето со електрична енергија, без вода, прозорците без стакла во конаците, прашина на секој чекор, условите за живот под секое ниво. Младиот, дваесет и петгодишен Зоран Фидановски од Битола, со голема љубов кон Бога, кон Исус Христос, задоен од мали нозе, заедно со браќата монаси Иларион и Доситеј, стрпливо, со многу труд, ја почна духовната и материјалната обнова на запуштеното македонско православно духовно светилиште, со речиси десетвековна традиција, а прекината во 1948 година.

Од почетокот на духовната и материјалната обнова на Бигорскиот манастир, четврт век сум ревносен хроничар, присуствував и ги бележев речиси сите настани и случувања. Јас сум единствениот новинар и меѓу ретките што присуствуваа на замонашувањето на Зоран Фидановски, во август 1995 година, во Бигорскиот манастир, кое го изврши митрополитот Тимотеј, и 25 години потоа, на Петровден, 12 јули 2020 година, во црквата „Св. Софија“ во Охрид, кога беше устоличен за епископ антаниски. Пред сите во црквата и пред македонската јавност даде завет дека ќе продолжи со досегашната мисија како монах и игумен на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“.
Неколку дена пред Петровден, по една година од хиротонисувањето во епископ, со отец Партениј разговараме во Бигорскиот манастир.
Ништо не се промени во мојот живот, само обврските ми се зголемија, не се жалам, со сиот жар и енергија продолжувам да ги исполнувам задачите, со љубов им служам на Исус Христос и на македонскиот народ. Се радувам на зголемената посетеност на верниците на богослужбите, на туристите од државата и светот што ги посетуваат манастирите: Бигорскиот, Раичкиот, Пречиста кај Кичево и „Св. Георгиј“ во кичевското село Кнежино, со кои раководам – ни зборува епископот Партениј.
Монаштвото е столб на МПЦ, како и на секоја црква. Во Бигорскиот манастир има 30 монаси, во Рајчица 12 монахињи, во Пречиста 12 и една монахиња во Кнежино, како и неколку десетини искушеници.
Епископот Партениј заедно со монаштвото, со Македонците, со помошта на бизнисмените, дарителите и државата, во позитивна смисла, на четирите манастири им го смени ликот во духот на традиционалната мијачка градителска култура. Активностите продолжуваат. Епископот има визија и постепено ја реализира. За да забележиме само сѐ што е изградено и обновено во четврт век игуменување, се потребни многу страници. Верниците што се постојано на богослужбите се воодушевени од енергичниот средовечен епископ и велат: „Епископот Партениј е чудо од човек. Духовно и материјално ги воскресна црквите и манастирите во Мијачијата, во Долна Река, Дебарско и Кичевско“. Оваа констатација ни ја потврдија монасите и монахињите. „Нашиот Старец, велат, има визија, знаење, настојчив е, трпелив во реализација на идеите…“

Во монографијата „Иконата на Бистра закрилник на православието“, мое книжевно дело, кое ќе го промовираме на 11 септември годинава, во Бигорскиот манастир, рецензентот проф. д-р Александар Прокопиев за игуменот Партениј пишува: „Со верата и духовниот влог на монасите, на чело со отец Партениј, со несебична помош на народот, на донаторите, државата, со голема професионална грижливост во реконструкцијата и изборот на идентичниот материјал со некогашниот Горен палат, со конаците, ќелиите, трпезаријата, се вратија и возобновија зракот и блесокот на светилиштето“.
На крајот, епископот Партениј ни вели дека со несмален интензитет со монашкото и сестринското братство ја продолжува реализацијата на визијата – Мијачијата и Долна Река да станат Света Гора во Македонија.

(крај)