Хилми Паша во Скопје 1908 година

Фељтонот што го објавува „Нова Македонија“ е извадок од неговата книга „Малцинските прашања и националната свест во Грција (Недоречености на грчката историографија)”, која во Атина се печатеше во 1991 година благодарение на поддршката од радикалните студенти. Во книгата, како што вели авторот во предговорот кон второто издание (1992), е направен „обид за ненационалистичко и неидеологизирано доближување до едно значајно поглавје во историјата на оваа земја“, односно презентирано е „поинакво проблемско читање и интерпретација на настаните, различно од она на националната историографија, т.е. од митското идеолошко прикажување, кое, речиси, го заокружува и корпусот на грчката библиографија“.
Иако во текстот се сретнуваат некои непрецизности, го објавуваме поради интересните ставови и аргументи што ги нуди авторот за македонското прашање и за односот на Грција кон Македонците. Текстот од грчки на македонски јазик го преведе Емилија Мајсторова.

Димитри Литоксоу


Во 1904 година е направен попис, познат под името Пописот на Хилми-паша, забележен во историјата како официјален отомански попис од 1904 година, според името на тогашниот генерален инспектор за европските вилаети (а подоцна и велик везир Хилми Хусеин-паша), кој претставува единствен веродостоен и валиден извор од тоа време за поделбата на населението според верата и јазикот. Спроведен беше под надзор на руски и на австриски офицери и предвиден со програмата за реформи што ја донесоа во полза на христијанското население во Македонија, во 1903 година императорите на Австро-Унгарија и на Русија, а ја поддржаа владите на Англија, Франција, Германија и на Италија.
Конечните резултати од пописот беа објавени во турскиот весник „АСР“ во Солун (бр. 994 од 1904-та). Повторно ги објавија во тие години во своите дела Г. Амадори Виргили и Д.М. Бранкоф, ние ги препишуваме од нив. Конечните резултати од истиот попис ги објави и весникот во Виена „Политише кореспонденц“ (П.С. 13-14/4. 1905 година). Но тие не се совпаѓаат со табелата во „АСР“. И овие резултати се повторно објавени од Амадори Виргили.
Така, постојат две различни табели од резултатите од истиот попис. „Р.С.“ прикажува 270.000 жители повеќе од „АСР“: процентот на србофоните се зголемува од 3,5 отсто на 5,3 отсто, процентот на Куцовласите од 3,4 отсто се намалува на 0,9 отсто. Големиот број „Грци“ во „Р.С.“ (20,5 отсто) ги вклучуваат, освен гркофоните, и бугарофоните, славофоните, албанофоните и дел од влахофоните патријаршисти. Православните гркофони на табелата во „АСР“ сочинуваат само 10,6 отсто од вкупното население. „Р.С.“ го дава одделно населението во секој вилает. Вредно за напоменување е слабото присуство на „грчкиот“ елемент на подрачјето Косово – Скопје. Големата супериорност на муслиманите во истата област се должи на многубројните исламизирани Албанци.
Фактот што муслиманите не се делат по јазикот што го зборуваат претставува, се разбира, политичка целисходност на отоманската администрација, да ги прикаже сите мухамеданци како компактен отомански елемент, население што претставува цврста поткрепа на империјата во таа област. Но тоа е во согласност со исламската логика на верниците.
Славомакедонците не се сметани за посебна нација (милет); Бугари, поголем број, србомани и србофони партијаршисти како Срби. Евреите (Донмеди), природно, не се вброени во графата за Израелците, туку во муслиманите. На крајот од табелите се изоставени Циганите, постојано преселувани, но секогаш многубројни кога се проучуваат во својата целина.

НЕЗГОДНИ ПОДАТОЦИ

Истата година кога е објавен пописот на Хилми почнаа и неговите перипетии, неговите искривувања и премолчувања во грчката библиографија. Првиот попис на македонските области, извршен под меѓународна контрола, ги претставуваше гркофоните како малобројни, кои одвај минува една десеттина од населението. Тоа претставуваше аргумент главно во рацете на бугарската пропаганда, а кој грчката страна сакаше да го избегне.
Првото повикување на пописот се наоѓа во списанието „Елинизмос“, што претставува полуофицијално пропагандно списание на националните претензии. Во бројот од февруари 1905 година е објавена, без коментар, табелата од австрискиот весник. Препишани се 649 илјади „Грци“, но не се појаснува дека таа бројка претставува збир на сите патријаршисти што го прифаќаат грчкиот јазик за литургија во своите цркви (една вековна традиција што досега до првите години на Византија, а беше оспорувана од новиот воинствен бугарски, српски и романски национализам). Значи, апстрактно станува збор за „Грци“, како да се во прашање гркофони. Малобројноста на последниве беше објавена во „АСР“, но весникот „Елинизмос“ претпочита да го „игнорира“ неговото постоење. Поради наводна печатарска грешка, „Елинизмос“ го зголемува бројот на Бугарите (на егзархистите) во Солунскиот вилает од 207.317 на 277.317.
Истата грешка ја повторува во 1907 година директорот на „Елинизмос“ и наедно професор на Атинскиот универзитет, Неоклис Казазис, во својата книга „Македонскиот проблем“; но тој додава уште една новост за која е невозможно да се каже дека претставува печатна грешка. „Грците“ од 648.962 достигнуваат 749.932! И, секако, игнорирајќи го „АСР“, не прави разлика меѓу патријаршистите и гркофоните.
Во 1908 година Јоанис Хојдас во „Историја на македонските работи“, коментирајќи ги статистиките на егзархијата, на мајорот Хуберт и на Србинот Гопчевиќ, не го наведува официјалниот попис. Истата година, Лјакос Николаидис, во една своја мала книшка, „Македонија јазички, статистички, етнолошки“, не пишува ништо за пописот, но дава свои претпоставки: „можеме да наведеме една компактна грчка етничка маса од 720.000 жители, наспроти приближно 245.000 ехизматичари“.
Едноставно потсетување на пописот прави Андреас Арванитис во 1909 година, во неговото дело „Илустрација на Македонија“ кое, меѓу другото, изобилува со „статистички новости“. Поради печатна грешка. бројот на егзархистите се намалува на 547.743. Не е познато каде ја нашол бројката од 677.987 што ја дава за Грците.
Во Атина, во 1910 година, циркулира еден одговор на статистичките списоци објавени од егзархијата, за населението во селата на Македонија, т.е. кои села се патријаршиски, кои ехизматични, кои се муслимански, а кои мешани. Анонимниот автор на ова дело во воведот дава разни свои бројки за отоманскиот попис. Како пример за Солунскиот вилает наведува: муслимани 482.414, Грци 287.092, Бугари 223.537, Цигани 6.726, а за Битолскиот вилает: муслимани 272.100, Грци 289.800, Бугари 176,500.

ПРОПАГАНДНА СТАТИСТИКА

Во „Историски перипетии на Македонија“, Александрос Мазаракис ја коментира вредноста на пописот и смета дека е наполно веродостоен. „Може да се смета“, забележува тој, „како најсигурна основа за проценување на бројот на жителите на Македонија, како и посебно на аналогијата меѓу Грците и Бугарите“. Меѓутоа, не ги наведува самите резултати од пописот, со што би го информирал читателот од времето на Балканските војни, за „аналогијата“.
Книгата на Мазаракис претставува последна грчка книга што се повикува на пописот на Хилми, кога Македонија е сѐ уште под отоманска управа. Следуваат балканските војни и распарчувањето на Македонија. Делата што сега ги среќаваме во грчката библиографија немаат карактер на национални претензии, туку на историско оправдување. Аргументите на грчката страна имаат за цел да го зацврстат присоединувањето на новите области, а не да го поставуваат прашањето за нови територијални проширувања кон север.

(продолжува)