Александар Велики - Македонец или Грк?
Пишува д-р Гале Галев

Да продолжат или да прекинат преговорите околу „разликата“ за името на нашата држава (2)

Советот на Европската заедница, под португалското претседателство, наместо да ја признае Македонија (бидејќи таа ги исполни условите утврдени од заедницата), под силен притисок на Грција, донесе политичка одлука без покритие. Со неа од Република Македонија побара да прифати „име што не го содржи терминот Македонија“. Кога велам дека цитираната одлука од оваа декларација е без покритие, предвид го имам игнорираното позитивно Мислење бр. 6 на Бадинтеровата комисија, врз чија основа и единствено можеше да се заснова таа. Затоа, и нема друг заклучок, освен да се констатира дека условот поставен на Република Македонија да прифати „име што не го содржи терминот ’Македонија’ и не претставува друго, туку своевидна апсурдна уцена“. Во основата на оваа одлука на Европската заедница, колку и да е за неверување, не можеше а да не се препознаат, дури, и одредени предновозаветни грчки „аргументи“. За тоа колку стои ова, ќе оставам читателот сам да процени врз основа на увидот во презентираните аргументи, со кои Република Грција излезе пред Европската заедница со барање во името на нашата држава да не се содржи терминот „Македонија“.

Грчките измислици за историјата

За оваа пригода упатувам на увид во следните аргументи на нашиот јужен сосед – Грција:
„Македонскиот проблем“ е непостојно прашање. Македонија е географски концепт, а не етнички поим. Всушност, само една земја може да се идентификува себеси, поради историски причини, со Македонија. Тоа е Грција, која беше неодвоиво поврзана со Македонија повеќе од 30 века“. Грција на 12 декември 1991 година, а тоа значи само четири дена пред донесувањето на цитираната декларација на Европската заедница за Југославија (Брисел, 16 декември 1991), категорично побара во неа, покрај заедничките услови потребни за признавање на сите апликанти од поранешната југословенска федерација, за нашата земја да се предвидат уште и следниве дополнителни услови: „промена на името Македонија; задолжително давање изјави дека нема претензии или барања спрема Грција; и да мора да признае дека во Грција не постои македонско малцинство“. Овие барања на Грција, иако модифицирани до некоја мера, за неколку дена најдоа свое место во цитираната декларација.
Грција, правејќи процена дека не е доволно само тоа што таа издејствувала вакви услови за признавање на нашата земја, а особено имајќи предвид дека Арбитражната комисија усвоила позитивно мислење за наше признавање, (спомнато погоре), бара од партнерите на заедницата да се смета како итност создавањето „впечаток кај властите во Скопје околу потребата да се спроведе во целост, со дела, наместо со безначајни декларации, министерската одлука на ЕЗ од 16 декември и да се запре со сите активности што би можеле да го запалат регионот“. При ова, Грција ваквиот цврст став кон нашата земја, покрај другото, го аргументира и со следните тврдења:

– Името Македонија е дел од грчката историја и култура веќе 2.300 години.
– Употребата на името Македонија имплицира територијални претензии против Грција.
– Манипулирајќи со географскиот термин (Македонија), експанзионистите од Скопје настојуваат да го претворат во етничко име за една словенска нација.
– Скопје се обидува да го присвои и монополизира името Македонија само за себе.
– Личноста што на регионот му го даде ова ново име беше Маршалот Тито.
– Постоење на држава со такво име создава импресија дека нејзе ѝ припаѓаат и териториите што во други држави го носат истото име.
– Името (Македонија) не само што имплицира територијални претензии кон Грција туку претставува напад и на хеленско наследство.
– Користењето на името не е независно од желбата да се запоседне и контролира грчката територија.
– Заговарање за воспоставување голема македонска држава што би се состоела од грчка Македонија, вклучувајќи го и градот-пристаниште Солун, бугарска Македонија – наведувана како Пиринска Македонија и области во источна Албанија.
– Тоталитарниот режим во југословенска Македонија има спроведено политика на присилна асимилација против невините грчки деца (28 илјади) од времето на Граѓанската војна во Грција) претворајќи ги во милитантни Славо-Македонци и сл.
Но не само ова. Грчките наводи го проблематизираат дури и самиот опстанок на нашата држава. Во таа смисла ќе прочитаме: „Очигледно е дека на долг рок, Скопје е еден економски неодржив и етнички антагонизиран ентитет, опкружен со конкурентни ’додворувачи’ и ’заштитници…’“, како и тоа дека „самото Скопје е мозаик на спротивставени етнички и религиозни групи.“ Па, ќе продолжи: „Во Скопје главните етнички групи, Албанците, Бугарите и Србите, чувствуваат приврзаност со држави преку границата и тие посакуваат да се соединат со нив. Тоа го пишува во писмото на министерот за надворешни работи Андонис Самарас до партнерите во Европа.

Филип Втори таткото на Александар

Име без името Македонија

Ако се вратиме неколку години наназад, ќе видиме дека подготовките за користење на ваквиот арсенал на „аргументи“ за докажување на „авторското право“ на терминот „Македонија“ Република Грција ги има почнато уште во 1988 година. Имено, дотогашната провинција „Северна Грција“ (име што со децении го носеше) благовремено ја преименуваа со новото име „Македонија“. Ако во тоа време и не беше сосема јасно зошто беше направено ова преименување, на одговорот, гледано од изложеното погоре, и не требаше да се чека предолго. Во таа смисла станува сосема јасен и аплицираниот услов во цитираната декларација од 27 јули 1992 година, според кој се сакаше на нашата држава (ќе повторам) да ѝ биде „наложено“ прифаќање „име што не го содржи терминот Македонија.“

По горенаведеното (но и не само тоа: списокот на вакви и слични наоди и тврдења води до недоглед) се најдов пред дилемата дали да се обидам да изнесам и една друга „вистина“ за ова или, пак, да му оставам на читателот на овој текст сам да пресудува и заклучува за грчката „вистина“. Во изборот помеѓу првата и втората опција, сепак, се одлучив за првата: да изнесам една друга „вистина“. Пред да продолжам, чувствувам морална обврска пред себе да го кажам следново: она што ќе се обидам во продолжение да го приложам во полза на таа друга „вистина“ не е за да ја побијам тезата на грчката „вистина“, туку да укажам на апсурдноста до каде ќе нѐ одведе еден ваков избран пристап. Одговорот е никаде. Со ваквиот пристап, ќе останеме длабоко „закопани во сопствените ровови“, од кои, не само што ние, денешната генерација од двата народа, не ќе успееме да го видиме светлото од денот туку, што е уште пострашно, ќе попречиме ова светло да го видат и генерациите што доаѓаат и ќе дојдат по нас. Прашањето е имаме ли какво било право (световно, свето или природно) на тоа. Искрено верувам дека секој што макар знае колку се два и два, ако не биде изманипулиран да застане на браникот на наводно загрозените национални интереси на својата држава, ќе одговори со големо НЕ.

Јазикот на Филип и Александар

При ова, да не ми биде приговорено дека сум пристрасен од она што следува во прилог на наведената друга „вистина“, ќе настојувам за неа да зборуваат други, надвор од мојата земја. Нека ми биде дозволено, без некоја временска хронологија, да ги приложам на увид следните наоди и гледања:

– „Сега тебе ќе ти судат Македонците (станува збор за наводен заговор против Александар од Филота – негов генерал, ав. заб.), те прашувам дали ќе се обратиш на мајчиниот јазик (прашува Александар М., ав. заб.), во својата одбрана.“ Филота: „Освен Македонци, овде има многу присутни за кои сметам дека полесно ќе го разберат она што ќе го кажам ако зборувам со истиот јазик со кој што се служиш и ти, верувам поради ништо друго, туку за да го разберат повеќемина твојот говор.“ Александар: „Еве, гледате ли, дотаму ли дошол Филота, та да се гнаси од мајчиниот јазик“… „Но нека зборува како што сака, а вие спомнете си дека тој еднакво се отуѓил и од нашите обичаи и од нашиот јазик.“

Панорама на Лисабон

– Еве уште еден пример од далечната антика, сега поврзана со Филип, таткото на Александар, со поинаква вистина од грчката. Демостен (атински општественик и ретор од времето на Филип Втори Македонски, четврти век пред Христос) за Филип ќе рече дека „….не само што не е Хелен, не само што не им е сроден, близок, роднина на Хелените, тој не е ниту од барбарска земја за која некој би кажал нешто убаво, туку е Македонец-гибел и Македонец-здодеец, а потекнува оттаму од кај што порано ниту човеконожно суштество со некаква вредност не може да се купи“.

(продолжува)